• четврток, 26 декември 2024

Анегдотски гледишта за здравјето: Како антиваксерите влеваат страв

Анегдотски гледишта за здравјето: Како антиваксерите влеваат страв
20 ноември 2020 Дојче веле, Бон Противници на вакцини има од одамна. Пред неколку години, тие станаа поактивни кога станува збор за имунизации од морбили (сипаници). Нивните аргументи се дека вакцините се штетни по здравјето или дури предизвикуваат смрт. Многу често овие луѓе се поврзани со средини на разни исцелители и приврзаници на хомеопатијата. Во услови на сегашната пандемија се мобилизираат антиваксерите за борба против потенцијалните нови вакцини против коронавирусот. Бројни Интернет страници изнесуваат секакви обвинувања дека граѓаните биле намерно измамени за зачестеноста и сериозноста на несаканите ефекти на вакцината. Исто така, редовно се зборува дека зад кампањата за вакцинација, всушност, стоеле огромни економски интереси. Дури се тврди дека воопшто немало потреба од вакцина против коронавирусот, бидејќи може да се лекува со хомеопатски лекови. Весникот „Ди Велт“ го претставува специјалистот за ОРЛ Кристијан Лубер од баварскиот град Вајлхајм, кој работи со антиваксери многу години. Тој често мора да ги корегира проблемите предизвикани од погрешни или бескорисни третмани со хомеопатски лекови, па затоа добро ги познава аргументите на луѓето од овие кругови. Занемарување на медицинските достигнувања „Тие се карактеризираат со себични и анегдотски гледишта за здравјето“, вели Лубер, објаснувајќи: „Секој ми раскажува приказни за некој кој му помага на некој друг со некои хомеопатски таблети“. Истата шема на аргументација сега се применува и за вакцините. Особено опасна е комбинацијата на анегдотски поглед на здравствените проблеми и општата недоверба кон научните достигнувања во медицината. Третата фаза на клинички испитувања на новите вакцини, според овие луѓе, нема доказна вредност, додека приказните за некои изолирани случаи на луѓе кои биле излекувани со некои хомеопатски лекови, јасно се земаат како железен аргумент“, рече Лубер. Кон ова се додава и општото непознавање на методологијата на работа во природните науки. Според зборовите на Лубер: „Науката се соочува со тешкотии и не е во можност да презентира апсолутни и крајни вистини. Сепак, овој заклучок се користи како повод да се доведе во прашање науката воопшто “. Многу антиваксери исто така веруваат во чудни лекови. Многу од нив се убедени дека и самите виделе или доживеале како лекот предизвикува необично заздравување. Како доказ, теоретичарите на заговор честопати тврдат дека фармацевтското лоби намерно ја уништило алтернативната медицина поради нивен економски интерес. Според експертите, луѓето кои безрезервно веруваат во алтернативна медицина, многу полесно подлегнуваат на теориите на заговор отколку оние кои веруваат во класичната медицина. Противниците на вакцини се радикализираат Сегашната пандемија на коронавирус води кон радикализација и мобилизација на антиваксерите и теоретичарите на заговор. Отпорот е насочен главно против методите на класична медицина и претстојната можност за вакцинација против коронавирусот. Безбедносните служби во Германија забележуваат со загриженост дека демонстрациите, на кои се собираат противници на пандемиските мерки, имаат широк спектар на луѓе - од приврзаници на хомеопатијата, преку антиваксери, до непријатели на државниот систем со претежно десничарска екстремистичка пристрасност. Радикалната реторика на вторите се обидува да ги убеди луѓето дека државата ќе воведе задолжителна вакцинација со измена на Законот за заштита од инфекции. Во овој случај, целта е создавање паника кај луѓето. Овие аргументи се типични за, на пример, десничарската популистичка Алтернатива за Германија, која редовно зборува за „присилна вакцинација“, па дури оди дотаму што се користат антисемитски пароли за мобилизирање против вакцините. Локалната организација на Алтернатива за Германија во Салцгитер, на пример, објави фотомонтажа на својот канал на социјалната мрежа Телеграм, на која реченицата над влезот во нацистичкиот концентрациски логор „Работата те прави слободен“ е изменета во „Вакцинирањето те прави слободен“. Што го поттикнува верувањето во теориите на заговор? Еве што изјави за „Тагесцајтунг“ психологот Пиа Ламберти, која е коавтор на книгата со нејзината колешка Катарина Нокум: „Како теориите на заговор го одредуваат нашето размислување“: „На прво место, ова е растечката потреба многумина да се чувствуваат уникатно и поразлично од масите. Луѓето кои веруваат во теории на заговор се убедени дека имаат нешто како тајно знаење што им овозможува да ја видат вистината за нештата. И секој кој не го познава, се декларира како наивен, заслепен, слуга на системот, па дури и непријател. Ова гледиште им овозможува на одредени луѓе да се сметаат себеси за супериорни во однос на другите и да се чувствуваат повредно“. Поедноставен поглед на светот Втората причина, според Ламберти, се должи на „губење на контролата“. Луѓето кои доживеале радикални и драматични настани во нивниот живот или значителни промени во нивниот работен век страдаат од губење на контролата. Теориите на заговор укажуваат на јасен непријател, тие се со поедноставен поглед на светот, црно-бело размислување кое се вклопува во структури како „оние таму горе“ и „нас долу“. И ова создава чувство на сигурност и спокојство во несигурни времиња. паг/  

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан