• среда, 25 декември 2024

Андоновски панелист на Самит за дигитализација на владините услуги во Швајцарија

Андоновски панелист на Самит за дигитализација на владините услуги во Швајцарија

Скопје, 29 мај 2024 (МИА) - Дополнителниот заменик на министерот за информатичко општество и администрација, Стефан Андоновски е во дводневна посета на Цирих, Швајцарија каде ќе биде еден од панелистите на глобалниот Самит за дигитализација на владините услуги. Самитот особено се осврнува на украинската апликација ДИИА, која е пионер во нудење најсовремени дигитални алатки за граѓаните.

Во фокусот на Самитот се дигиталната трансформација на владините услуги, образованието, здравството, социјалните услуги и промоцијата на иновациите, како и споделување на украинско искуство во областа на владата и иновациите.

Андоновски ќе зборува на панелот „Дигитална трансформација во акција“, при што ќе се осврне на предизвиците, проблемите и визијата за дигиталната трансформација на Македонија во наредниот период. Со поглед кон 2030 година, Андоновски ќе ги анализира постулатите на дигитализацијата на сите владини услуги, со цел борба против корупцијата, подобрени и достапни услуги за граѓаните во целата држава и привлекување на најдобрите светски инвестиции во областа на GovTech секторот.

Во рамки на посетата, Андоновски оствари билатерални средби со Вицепремиерот на Украина за иновации, развој на образованието, науката и технологиите и Министер за дигитална трансформација на Украина Михаил Федоров и Валерија Ионан, Заменик министер за дигитална трансформација на Украина. На маргините на настанот, Андоновски ќе оствари средби и со претставници на глобалните технолошки лидери од приватниот сектор, тинк-тенкови и владини претставници. мч/лв/

фото: МИА архива

Остани поврзан