• недела, 24 ноември 2024

Амон: Во интерес на Австрија е Северна Македонија што поскоро да пристапи кон ЕУ, тоа е прашање на стабилност и економски напредок

Амон: Во интерес на Австрија е Северна Македонија што поскоро да пристапи кон ЕУ,  тоа е прашање на стабилност и економски напредок

Скопје, 18 октомври 2023 (МИА) - Австрискиот покраински министер за европски и меѓународни прашања, образование и човечки ресурси на Штаерска, Вернер Амон на заедничката прес-конференција со неговиот домаќин шефот на дипломатијата Бујар Османи, порача дека во Штаерска треба да гледаме доверлив партнер на нашиот пат кон ЕУ.

Амон, нагласи дека Австрија припаѓа на оние земји кои силно го поддржуваат пристапувањето на Западен Балкан и пред се на Северна Македонија во ЕУ, бидејќи, како што рече „битно е кога светот се сочува со големи нестабилности да се внесе стабилност во регионот, а членството во ЕУ би придонело за поголема стабилност“.

-Во интерес на Австрија е земјите од Западен Балкан, а пред се Северна Македонија што поскоро да пристапат кон ЕУ бидејќи за сите нас во Европа тоа е прашање на стабилност, на економскиот напредок.Затоа што сметам дека предолгото чекање секако води кон фрустрација и треба да внимаваме, да ги убедиме луѓето да не се разочараат на патот кон ЕУ. И токму тој напредок треба навистина и да биде награден и наскоро да резултира и со пристапување во ЕУ, рече Амон, одговарајќи на новинарско прашање дали 2030 години е реална цел за членство на Северна Македонија во ЕУ. 

Османи и Амон денеска потпишаа заедничка Декларација за соработка меѓу Република Северна Македонија и Покраината Штаерска (Република Австрија) и Писмо за намери за пристапување на Северна Македонија во Алпе-Адриа Алијансата. 

Според Амон, станува збор за една стара Алијанса од 80-те години која сака да ги обедини државите од јадранската област за да може полесно да се реализираат заедничките европски интереси. Во неа спаѓаат Словенија, Хрватска, Унгарија, како и повеќе австриски покраини. Ова е, вели тој, многу добар сигнал за Западен Балкан и за Северна Македонија и очекува потпишувањето на документот - Писмото за намери да резултира со конкретни проекти и соработка во науката, образованието и економијата.

Министерот Османи истакна дека Штаерска, како значаен европски инвеститор, има значително економско присуство во регионот на Западен Балкан. Шпаркасе, Граве и уште неколку други инвестиции од Штаерска, рече тој, говорат за високото ниво на економска соработка, што има за цел да придонесе за побрз економски развој, но и за одржливост на нашата економија, носејќи нѐ чекор поблиску до ЕУ.

Со оваа посета, се согласи и Османи, се отвораат нови можности за поврзување и соработка меѓу нашата држава и австриската покраина во различни секторски области и искажа целосна подготвеност за натамошна динамика во соработката со Штаерска.

Потпишаната Заедничка декларација за соработка меѓу Северна Македонија и покраината Штаерска, како и Писмото за намери за пристапување на земјава кон регионалната иницијатива Алијансата Алпе-Адриа Алијанса, посочи, Османи, ќе овозможи да ги користиме програмите и структурите на ЕУ во интерес на нашиот евроинтегративен процес. вг/аа/

Фото: МИА

 

Остани поврзан