• среда, 25 декември 2024

Американски специјален пратеник: Примирјето во Либан е на дофат

Американски специјален пратеник: Примирјето во Либан е на дофат

Бејрут, 19 ноември 2024 (МИА) - Американскиот специјален пратеник Амос Хохштајн денеска изјави дека договор за примирје меѓу Израел и Либан е „на дофат,“ но додаде дека тоа на крајот зависи од „одлуката на засегнатите страни“, јави Си-Ен-Ен.

Хохштајн денеска се обрати пред новинарите во Бејрут, по средбата со претседателот на либанскиот парламент Набих Бери, кој е посредник во преговорите со Хезболах.

Американскиот пратеник изјави дека разговорите биле „конструктивни“ и дека имало „многу добри дискусии за намалување на разликите“. - Имаме вистинска можност да ставиме крај на конфликтот, рече тој. „Времето е сега.“

Апериканскиот дипломат додаде дека нема да одговара на прашања бидејќи не сака „да преговара јавно“.

По средбата со Бери, Хохштајн се сретна со либанскиот премиер Наџиб Микати во неговата резиденција во Бејрут, за да разговара за напорите за ставање крај на војната меѓу Израел и Хезболах, според државната Национална новинска агенција (ННА).

На средбата присуствувале и либанскиот министер за надворешни работи и американскиот амбасадор во Либан, наведува ННА.
Предлогот поддржан од САД има за цел да обезбеди 60-дневен прекин на непријателствата и се претставува како основа за траен прекин на огнот, според либански официјален претставник, јави Си-Ен-Ен.

Официјалниот претставник истакна дека условите се во рамки на параметрите на Резолуцијата 1701 на Обединетите нации, со која се стави крај на војната меѓу Либан и Израел во 2006 година. Резолуцијата предвидува дека единствените вооружени сили во јужниот дел на Либан, јужно од реката Литани, треба да бидат либанската армија и мировните сили на ОН.

Предлогот исто така бара израелските копнени сили, кои дејствуваат во јужен Либан од крајот на септември, да се повлечат од земјата и бара построга имплементација на Резолуцијата 1701, според официјалниот претставник.

Израелски извор запознаен со преговорите изрази сомнеж во можноста за постигнување договор во блиска иднина, истакнувајќи дека Хезболах ќе одбие да го прифати израелското барање за право да ја нападне групата во случај на прекршување на прекинот на огнот, што може да го загрози процесот. Без оваа клаузула, вели изворот, е неизвесно дали израелскиот премиер ќе добие поддршка од кабинетот за договорот.

Израелскиот министер Бецалел Смотрич изјави дека „нема преговори“ за „целосната оперативна слобода“ за израелската војска во јужен Либан.

- На крајот на војната, ќе имаме оперативна слобода во Газа, и исто така ќе имаме оперативна слобода во Либан, рече тој.

Либанскиот премиер Наџиб Микати ги отфрли извештаите за барања да се даде оперативна слобода на израелската војска во јужен Либан како „шпекулации“, додавајќи дека не видел таква клаузула во предлогот.

Претседателот на парламентот Набих Бери изјави за саудиските медиуми дека предлогот што го добил од САД не спомнува оперативна слобода на израелската војска во Либан, додавајќи дека САД знаат дека таквото барање би било „неприфатливо“.

Друг либански извор запознаен со разговорите изјави за Си-Ен-Ен дека новоизбраниот претседател Доналд Трамп го поддржал преговарачкиот процес на американскиот пратеник Амос Хохштајн за прекин на огнот, што ги зголемува шансите за негов успех. ссм/

фото: архива

Остани поврзан