• вторник, 24 декември 2024

Американскиот двоен агент Роберт Хенсен пронајден мртов во затвор во Денвер

Американскиот двоен агент Роберт Хенсен пронајден мртов во затвор во Денвер

Денвер, 6 јуни 2023 (МИА) - Американскиот двоен агент, кој работел за Русија, Роберт Хансен, пронајден е мртов во затвор во Денвер, во сојузната држава Колорадо.

Персоналот на затворот се обидел да го спаси Хансен откако вчера бил пронајден без свест, но не успеал, соопшти затворската управа.

Причината за смртта не е соопштена.

Хансен (79) се приклучил на ФБИ во 1976 година и од 1985 година почнал да продава доверливи информации на Советскиот Сојуз, а подоцна и на Русија.

На Интернет страницата на ФБИ се наведува дека тој „компромитирал бројни човечки ресурси, контраразузнавачки техники, истраги, десетици доверливи документи на американската Влада и технички операции од исклучителна важност и вредност“.

Иако повремено се сомневале во неговите активности, тој со години добро се прикривал не можел да  биде фатен.

Откако ФБИ во 1994 година го уапси шпионот Олдрих Хазен Ејмс и откако беше утврдено дека информациите сè уште стигнуваат до Русија, била интензивирана истрагата на Бирото за Хансен.

Тој требало да се пензионира, па ФБИ се обидела многу брзо да го фати „на дело“.

-Тоа што сакавме беше да добиеме доволно докази за да го осудиме, а крајната цел беше да го фатиме на дело, изјави поранешниот заменик-помошник директор на Одделот за контраразузнавање на ФБИ, Дебра Еванс Смит.

Хансен почнал да работи во својата нова канцеларија, во која имало скриени камери и микрофони, во седиштето на ФБИ во јануари 2001 година, по што бил уапсен.

Тој во 2002 година беше осуден на доживотен затвор за шпионажа.

Британскиот јавен сервис објави дека Хансен за својата „двојна“ работа, испраќањето доверливи информации за Москва, добил вкупно  над 1,4 милиони долари во готовина и дијаманти. сд/

Остани поврзан