• сабота, 23 ноември 2024

Американска војска: Во напади во Сирија убиени 37 милитанти на Исламска држава и Ал Каеда

Американска војска: Во напади во Сирија убиени 37 милитанти на Исламска држава и Ал Каеда

Бејрут, 29 септември 2024 (МИА) - Американската војска денеска соопшти дека 37 милитанти поврзани со екстремистичките групи Исламска држава и Ал Каеда биле убиени во два напада во Сирија.

Во соопштението се наведува дека двајца од убиените се високо рангирани екстремисти.

Централната команда на САД соопшти дека во вторникот извршила напади во северозападна Сирија, а целта била висок милитант од групата Хурас ал-Дин поврзана со Ал Каеда и уште осум членови на таа група. Тој бил задолжен за надзор на воените операции.

Командата денеска извести и за голем воздушен напад претходно овој месец, на 16 септември, против камп за обука на Исламската држава во оддалечена локација во централна Сирија, што не го прецизираше. Во тој напад се убиени 28 милитанти, меѓу кои и најмалку четворица сириски водачи.

„Тој воздушен напад ќе го наруши капацитетот на Исламската држава да спроведува операции против американските интереси, како и против нашите сојузници и партнери“, се наведува во соопштението.

Во Сирија има околу 900 американски војници кои главно се обидуваат да го спречат враќањето на екстремистичката група Исламска држава, која зазеде големи делови од територијата на Ирак и Сирија во 2014 година. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан