• среда, 25 декември 2024

АВМУ: Радиодифузерите лани со приход од 2.382,61 милион денари, најнизок во последните пет години

АВМУ: Радиодифузерите лани со приход од 2.382,61 милион денари, најнизок во последните пет години
Скопје, 28 септември 2021 (МИА) –  Не се забележани прекршувања на одредбите од Изборниот законик во тек на првиот мониторинг на медиумското известување за Локалните избори, што го изврши Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) во период од 7 до 31 август, информираше  Зоран Трајчевски, директор на АВМУ на третиот јавен состанок на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. На состанокот беа презентирани спроведените активности согласно Годишната програма за 2020 година, како и анализата на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2020 година, која покажува дека приходите што заедно ги оствариле радиодифузерите лани изнесувале 2.382,61 милион денари милиони денари, што е најнизок приход во последните пет години. Изречени се вкупно девет опомени на радиодифузери, а биле одземени дозволи на четири телевизии, на две поради престанок на емитување на програма  и на две поради неплаќање надомест за дозволата во законски утврдениот рок. АВМУ започна со мониторинг на изборното медиумско известување за Локалните избори 2021 година на 7 август, а како што информира Трајчевски доставен е допис до сите радиодифузери за правилата од Изборниот законик од распишувањето на изборите до почетокот на изборната кампања. Мониторингот опфати анализа на 24-часовна програма на првиот телевизиски програмски канал на Јавниот сервис – МРТ1 и на шест комерцијални телевизии на државно ниво кои имаат просечен неделен досег од над 10 проценти – 24 Вести, Алсат-М, Алфа, Канал 5, Сител и Телма. На состанокот  беше презентиран и редовниот административен надзор врз сите 111 радиодифузери коишто емитуваат ТВ или радиопрограма. Надзорот покажа дека обврската од член 15 став 3 од Законот за медиуми во целост ја исполниле сите 111 радиодифузери. Трајчевски истакна дека во тек е контролниот програмски надзор врз телевизиите КТВ и Едо за услови за рекламирање и телешопинг и рекламирање на поделен екран. - АВМУ потпиша Меморандум за соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство, во однос на рекламирање, телешопинг, пласирање производи и спонзорство за храна и додатоци во исхрана во програмите на радијата и телевизиите. Договорот е потпишан се со цел да се да намалат измамите поврзани со храна, здравствените и нутритивни тврдења, за тврдењата за намалување на ризикот од болест, појасни тој. На состанокот беше соопштено дека бил извршен и надзор врз печатени медиуми, даватели на АВМУ, по барање на Операторите на јавна електронска комуникациска мрежа (ОЈЕКМ). Извршен е еден вонреден надзор за обврската за објавување импресум и три редовни надзори за обврските што се однесуваат на заштита на малолетни лица, кинематографски дела и промоција на производство и пристап до европски дела. Во однос на надзорот врз ОЈЕКМ извршени се 21 редовен и еден контролен надзор за обврската за реемитување регистрирани програмски сервиси, како и 14 редовни и еден контролен надзор за обврската на операторите задолжително и бесплатно во својот пакет да ги обезбедат програмските сервиси на јавниот радиодифузен сервис. Директорот на АВМУ истакна дека издадени се девет јавни опомени за радиодифузери, од кои една за непочитување на малолетна публика, една поради неозначување предупредувачка сигнализација, програма во која се пласирани производи. Изречени се две опомени поради непочитување на правилата за нови рекламни техники, две поради необјавување податоци од импресум и три поради неисполнување на обврската за дневно емитување најмалку 30 проценти програма изворно создадена, од која најмалку половина во периодот од 07:00 до 19:00 часот. Агенцијата изрече и една јавна опомена за оператор, за реемитување нерегистрирани програмски сервиси. Трајчевски соопшти дека една постапка за порамнување во ЗААВМУ завршила успешно. Сања Гудеска-Здравсковска ја презентираше анализата пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2020 година, при што соопшти дека вкупните приходи во индустријата во 2020 година изнесувале 2.382,61 милион денари. Според анализата на ААВМУ, тоа е најнизок приход во последните пет години.   Повеќе од половина од нив биле приходите на комерцијалните телевизии во износ од 1.217,88 милиони денари. Јавниот сервис остварил приходи во износ од 1.012,19 милиони денари, а приходите на комерцијалните радиостаници изнесувале 152,54 милиони денари. Согласно анализата, комерцијалните телевизии ги намалиле приходите во споредба со претходната година, а комерцијалните радиостаници и МРТ ги зголемиле. - На почетокот од 2020 година програма емитуваа 49 комерцијални телевизии, 68 комерцијални радиостаници и четири непрофитни радиостаници. Во текот на изминатата година престанаа да важат дозволите на вкупно пет телевизии и три радиостаници, а беше доделена и дозвола за емитување телевизиска програма, соопшти Гудеска-Здравковска. Таа додаде дека АВМУ ги одзеде дозволите на две телевизии поради престанок на емитување на програма повеќе од 30 дена и на две телевизии поради неплаќање на надоместокот за дозволата во законски утврдениот рок.   Во однос на структурата на приходите, Гудеска-Здравковска информираше дека најзначаен удел имале приходите од рекламирање со 46,30 проценти. Средствата за финансирање на радиодифузната дејност од Буџетот на Република Северна Македонија учествувале со 35,96 отсто, а останатите 17,74 проценти од вкупните приходи во индустријата биле остварени по други основи. Финансискиот резултат од работењето во индустријата во текот на минатата година бил во загуба од 34,68 милиони денари. Комерцијалните телевизии оствариле негативен финансиски резултат, додека комерцијалните радиостаници и јавниот сервис работеле со добивка. Како што информираше Сања Гудеска-Здравковска од АВМУ, просечниот број на вработени во редовен работен однос во текот на 2020 година изнесувал 1937 лица, а на 31 декември 2020 година, вкупниот број на вработени изнесувал 2587 лица, од кои 1960 лица биле во редовен работен однос, а 627 лица биле хонорарно ангажирани. ки/лв/

Остани поврзан