• среда, 13 ноември 2024

 Отворен саемот „Фестивал на книгата“ на албанските книжевни издавачи

 Отворен саемот „Фестивал на книгата“ на албанските книжевни издавачи

Гостивар, 17 септември 2024 (МИА) – Со промоција на најновите дела на двајца автори, на градскиот плоштад во Гостивар попладнево започна четвртото издание на манифестацијата „Фестивал на книгата Гостивар 2024“. Годинава, учествуваат десетина издавачи од Македонија, Албанија и Косово кои ги претставуваат нивните книжевни изданија на албански јазик.

Покрај пригодна културно-уметничка програма, љубителите на пишаниот збор имаа можност да ги проследат промоциите на збирката на раскази на Џабир Ахмети и двете збирки поезија на Љеме Ахмеди.

-Овој настан го става Гостивар на регионалната мапа на саеми на книга и го издигнува културното ниво. Ова е убава прилика за приближувањето на книгата до читателите и ние ги поддржуваме, рече Ваљбон Лимани, в.д. градоначалник на општина Гостивар на отворањето.

Организатори на манифестацијата се гостиварскиот огранок на Светскиот албански сојуз на писатели и Центарот Мозаик. Шпенд Бајрами, еден од организаторите посочи дека годинава на градскиот плоштад ќе има изложбено продажни штандови и ќе бидат застапени десетина издавачки куќи од регионот кои печатат книги на албански јазик.

Покрај купување на книги и разни печатени изданија, до петок публиката ќе има можност да се сретне со писатели, публицисти и книжевни автори на нивни промоции и средби со читатели.

Четвртиот саем на книги во Гостивар финансиски е поддржан од локалната самоуправа.згм/вј/

Фото: МИА

Остани поврзан