Јелиз Дениз нова претседателка на Македонско здружение МАК-ГОЧ од Маниса, Турција
- Македонското здружението за култура и солидарност на македонските иселеници МАК-ГОЧ од Маниса, Турција, за нова претседателка ја избра Јелиз Дениз, позната активистка на асоцијацијата, чии родители се по потекло од долнореканското село Жировница.
Дебар, 26 ноември 2024 (МИА) - Македонското здружението за култура и солидарност на македонските иселеници МАК-ГОЧ од Маниса, Турција, за нова претседателка ја избра Јелиз Дениз, позната активистка на асоцијацијата, чии родители се по потекло од долнореканското село Жировница.
-Честитки на Јелиз Дениз за изборот и посакувам успешна работа во следниот период заедно со нејзиниот тим. Верувам дека нашите иселеници во Маниса ќе бидат пообединети во иднина следејќи го примерот на претходниот претседател, Џевдет Џомерт, кој почина неодамна. Ова здружение е наш амбасадор во Туркије и мост кој се грижи и ги одржува корените, обичаите и традицијата на реканскиот крај. Општина Маврово и Ростуше секогаш ќе биде поддржувач на нивните активности и отворена за секаква соработка, објави градоначалникот Медат Куртовски.
Тој за МИА изјави дека бројната македонска дијаспора во Маниса е по потекло од реканските села Жировница и Болетен.
Честитки за изборот до Јелиз Дениз упати и Реканска дијаспора.
-Искрени честитки упатуваме до новоизбраната претседателка Јелиз Дениз, која со својата енергија, решителност и љубов кон македонската култура ќе внесе нова сила и инспирација во работата на здружението. Вашата посветеност да ги негувате и пренесувате македонските вредности и традиции на новите генерации е од огромно значење, не само за вашата локална заедница, туку и за сите Македонци ширум светот. Вашата сила е во единството, стои во објавата на Реканска дијаспора.
Убедени сме, се посочува, дека, под водството на Јелиз Дениз здружението ќе продолжи успешно да ја реализира својата мисија и да ги следи успесите на првиот претседател на истото здружение,
Џевдет Џомерт, да организира значајни активности и да биде горд амбасадор на македонската култура. вт/сст/
Фото: Куртовски/Реканска дијаспора ФБ