• Wednesday, 21 January 2026

Трипуновски: Главнината од тутунот е откупена, се стимулира тутунопроизводството

Трипуновски: Главнината од тутунот е откупена, се стимулира тутунопроизводството

Прилеп, 20 јануари 2026 (МИА) - Главнината од ланската реколта тутун е откупена иако законскиот рок е до крајот на февруари. Откупувачите досега купија 25,3 милиони килограми тутун по просечна цена од 419,15 денари. Тутунарите предадоа род во вредност од 170 милиони евра и 95,6 проценти е исплатен, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски по денешната обиколка на откупните пунктови и компании во Прилеп. До крајот на февруари ќе има отворени пунктови да се докупи родот.

- Останува уште некоја количнина и, нормално, секоја компанија во секој регион ќе има отворено откупни пунктови до крајниот рок, 28 февруари, кога откупот завршува и законски. Сето она што ќе остане и е вредно за предавање, ќе биде откупено - рече Трипуновски.

Работна група ќе работи на постојниот Закон за тутунот за, како што рече, допрецизирање на некои ситуации, кои се увидоа при последната реколта, а тоа се: кога би бил почетниот, а кога крајниот рок за откуп, потоа за улогата на Сојузот на земјоделските здруженија, за преговорите за склучување нови договори зашто, по 28 февруари, ќе следува склучувањето договори за новата реколта и затоа сакаме во сила да биде таквиот закон пред тоа. 

- Секое законско решение ќе биде во дискусија со сите страни што учествуваат во процесот: Сојузот, кој ги застапува тутунарите, Министерството, откупните компании за тоа законско решение да биде прифатливо за сите, нормално, првенствено во интерес на тутунопроизводителите - речеТрипуновски.

Министерот за земјоделство анализира дека ланската реколта тутун количински и на засадените површини е поголема од претходната година. Реколтата ќе се заокружи на приближно 25,7 милиони килограми. До почетокот на договарањата за новата реколта ќе бидат донесени измените во Законот за тутунот и програмите за земјоделски развој за да се потврди финансиската помош на тутунопроизводството како значајна земјоделска гранка за производителите и за македонската економија.

- Имаме сериозна посветеност на оваа земјоделска гранка, која е важна и за тутунарите и за нашата економија. Да почекаме да видиме како ќе се одвива процесот со преговорите за годинашнава реколта. Јануари е месец на носење на програмите по кои работи Министерството за земјоделство, меѓу кои е и програмата за директни плаќања, програмата за рурален развој, кои се во фаза на донесување. Пред десетина дена имав состанок со повеќето земјоделски здруженија и сојузи на кој разговаравме за нивните предлози. Штом програмите ќе бидат усвоени на владина седница, ќе ги презентираме, особено за начинот на финансиската поддршка на земјоделците - објасни министерот Трипуновски.

Според Кире Ристески, претседател на Сојузот на земјоделските здруженија, се очекува Сојузот да биде рамноправен партнер со откупувачите и набргу да се разговара за цените пред да се склучат договорите за новата реколта тутун, тоа што го бараат и производителите.

- Ние не престануваме со разговорите и преговорите со откупувачите. Така, мора првин со нив да ги договориме цените, па потоа компаниите да излезат со склучувањето на договорите. Работната група што работи на Законот за тутунот има новини што треба да се внесат во Законот, па така без согласност на Сојузот да не може да се склучуваат новите договори за производство на тутун - рече Ристески. ем/вј/

Фото: МИА

 

You May Also Like