• Wednesday, 21 January 2026

Судскиот совет на итна седница ќе одлучува за имунитетот на судијата Ѓоко Ристов

Судскиот совет на итна седница ќе одлучува за имунитетот на судијата Ѓоко Ристов

Скопје, 20 јануари 2026 (МИА) - Судскиот совет на Република Северна  Македонија соопштува дека на итна седница денеска ќе одлучува за одземање на имунитетот и за одобрување на предлогот за куќен притвор за апелацискиот судија Ѓоко Ристов. 

- Судскиот совет на Република Северна Македонија ќе ја одржи 535. итна седница на 20.1.2026 година (вторник), со почеток во 15.30 часот, со предлог. На дневен ред се расправа и одлучување по барање на Основниот кривичен суд Скопје за одземање имунитет на судија и за одобрување предлог за куќен притвор - стои во соопштението од Советот. 

Претходно денеска, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција до судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог на осомничениот судија Ристов да му биде определена мерка куќен притвор.

Освен оваа мерка, како што дополнија, предложено е и определување мерка на претпазливост - привремено одземање патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање.

Осомничениот апелациски судија се товари за кривичните дела противправно стекнување и прикривање имот (чл. 359-а ст. 3 во врска со ст. 1) и перење пари и други приноси од казниво дело (чл. 273 ст. 1) бидејќи во домот на неговите родителите во Неготино полицијата пронашла 350.000 евра заѕидани во ѕид за кои постои сомневање дека се незаконски стекнати.ар/вг/

Фото:МИА архива 

You May Also Like