Селин Дион најави враќање на сцената во Париз со десет концерти од септември
- Враќањето на сцената доаѓа две години откако Дион настапи на церемонијата на отворањето на летни олимписки игри 2024, и покрај тоа што се соочува со синдром на вкочането тело – неизлечива невролошка болест која предизвикува мускулни спазми и го ограничува движењето.
- Post By Марга Велеска
- 10:06, 31 March, 2026
Париз, 31 март 2026 (МИА)- Канадската пејачка Селин Дион, вчера на денот на својот 58 роденден, преку видеопорака снимена пред Ајфеловата кула, најави враќање на сцената во Франција по повеќе од шест години отсуство, пренесе француската телевизија БФМ (BFM TV)
Враќањето на сцената доаѓа две години откако Дион настапи на церемонијата на отворањето на летни олимписки игри 2024, и покрај тоа што се соочува со синдром на вкочането тело – неизлечива невролошка болест која предизвикува мускулни спазми и го ограничува движењето. Болеста беше јавно откриена во 2022 година, по што Дион беше принудена да ги откаже завршните настапи од својата светска турнеја „Светска турнеја Храброст“ („Courage World Tour)“.
Концертите ќе се одржат во арената Париз ла Дефанс (Paris La Défense Arena) – најголемата затворена сала во Европа, со капацитет од околу 40.000 места. Со годините, Дион отворено го прикажуваше влијанието на болеста врз нејзиното секојдневие и кариера, раскажано и преку документарниот филм „Јас сум Селин Дион“. Француските медиуми известија дека Ајфeловата кула во неделата навечер беше осветлена со посебни бои, прикажувајќи ги зборовите „Селин Дион“, „Париз“ и „подготвена сум“ – во знак на почит кон враќањето на пејачката на француската сцена. Светлосната реклама предизвика големо внимание од жителите и посетителите на Париз. Последниот концерт на Дион во Франција се одржа во 2017 година, што го прави ова враќање значаен настан за нејзините обожаватели и музичката сцена во Париз. мв/јт/
Фото: ЕПА