САД извршија напади врз складишта за оружје на Хутите во Јемен
- САД денеска извршија напади врз две подземни складишта за оружје во Јемен, лоцирани во области под контрола на бунтовничката група Хути, соопштија американските воени сили.
- Post By Сања Костовска
- 15:27, 8 January, 2025
Вашингтон, 8 јануари 2025 (МИА) - САД денеска извршија напади врз две подземни складишта за оружје во Јемен, лоцирани во области под контрола на бунтовничката група Хути, соопштија американските воени сили.
Операциите биле насочени кон објекти што ги користат Хутите, кои добиваат поддршка од Иран, „за извршување напади врз американски воени и трговски бродови во јужниот дел на Црвеното Море и Аденскиот Залив“, информираше Централната команда на САД за Блискиот Исток (CENTCOM) на социјалната мрежа „Икс“.
- Нема повредени меѓу американските војници, ниту е причинета штета на американската опрема, додадоа американските воени претставници.
Телевизијата на Хутите „Ал Масира“ извести за пет напади во провинцијата Амран и уште два во провинцијата Сана, каде што се наоѓа главниот град под контрола на бунтовниците.
Од почетокот на војната во појасот Газа, која беше предизвикана од невидена напад на Хамас врз израелска територија на 7 октомври 2023 година, Хутите напаѓаат бродови за кои сметаат дека се поврзани со Израел. Тие тврдат дека дејствуваат во знак на солидарност со Палестинците.
Оттогаш, САД, како главен сојузник на Израел, извршиле неколку напади врз позиции на Хутите, понекогаш во соработка со Велика Британија. ссм/
фото: архива