• Sunday, 29 December 2024

Реакција на Кабинетот на претседателот на Собранието Гаши: Тврдењата на ДУИ се неточни и претставуваат намерно искривување на фактите

Реакција на Кабинетот на претседателот на Собранието Гаши: Тврдењата на ДУИ се неточни и претставуваат намерно искривување на фактите

Скопје, 28 декември 2024 (МИА) - Кабинетот на Претседателот на Собранието, Африм Гаши денеска реагира дека тврдењата на ДУИ за средбата со делегацијата на Собранието на Република Албанија се целосно неточни и претставуваат намерно искривување на фактите. За првпат во историјата на Собранието на Северна Македонија, како што наведуваат од Кабинетот, претседателката на Парламентот на Република Албанија беше пречекана со највисокиот државен протокол, што ја демонстрира посветеноста на претседателот на Собранието, Африм Гаши, за градење силни и взаемно почитувани односи со Република Албанија.

- Средбата беше целосно транспарентна, отворена за јавноста и медиумите, при што претседателот на Собранието, Африм Гаши, го одржа својот говор на албански и на македонски јазик, строго придржувајќи се до законот, Деловникот и Уставот. Секоја изјава што се разликува од ова претставува неосновано обвинување и навреда, не само за претседателот на Собранието, Гаши, туку и за самиот институционален интегритет на Собранието, како и обид за искривување на вистината. Ваквите тврдења ги поткопуваат вредностите и ја загрозуваат вистината и единството, наведуваат од Кабинетот на Гаши.

Гаши, како што се наведува, упатува повик до опозициските политички партии да ја извршуваат својата опозициска улога со повеќе креативност и конструктивност.

-Посветеноста на г. Гаши останува непоколеблива – тој поддржува секоја идеја и конструктивен проект, без разлика на политичката припадност, кои водат кон напредок и развој на нашата земја. Особено ги охрабрува придонесите на опозициските парламентарни партии што демонстрираат вистинска посветеност за подобрување на животот на нашите граѓани, се посочува во реакцијата од Кабинетот на Претседателот на Собранието. ев/

ФОТО: МИА Архива