Почнува чествувањето 35 години „Матица македонска“
- Почнува чествувањето на јубилејот 35 години од формирањето на првата издавачка куќа во самостојна Македонија - „Матица македонска“. Во книжарницата на „Матица“ и онлајн преку е-книжарницата почнува годинешното издание на традиционалниот зимски саем на книгата „Книга во секој дом“. Во текот на саемот со јубилеен попуст за читателите ќе бидат достапни изданијата на „Матица македонска“ - од 35 отсто, па сѐ до 80 проценти, вклучително и за најновите изданија. Покрај тоа, во текот на саемот „Книга во секој дом“, „Матица македонска“ ќе почне и со објавувањето нови изданија по повод големиот јубилеј.
Скопје, 4 февруари 2026 (МИА) - Почнува чествувањето на јубилејот 35 години од формирањето на првата издавачка куќа во самостојна Македонија - „Матица македонска“. Во книжарницата на „Матица“ и онлајн преку е-книжарницата почнува годинешното издание на традиционалниот зимски саем на книгата „Книга во секој дом“. Во текот на саемот со јубилеен попуст за читателите ќе бидат достапни изданијата на „Матица македонска“ - од 35 %, па сѐ до 80 %, вклучително и за најновите изданија. Покрај тоа, во текот на саемот „Книга во секој дом“, „Матица македонска“ ќе почне и со објавувањето нови изданија по повод големиот јубилеј.
- Дела од најзначајните македонски автори и квалитетни преводи на највредното и на најчитаното од светската книжевност - од дела од антиката преку Чехов до дела од форматот на прозните остварувања на Лусинда Рајли, чиј роман „Последната љубовна песна“ беше објавен неодамна. Нови книги за децата и тинеџерите. Но и капитални монографии, историска литература, стручна литература од повеќе области. Сето ова е опфатено со годинешното издание на „Книга во секој дом“. Во текот на саемските денови „Матица македонска“ планира и дополнителни акции и активности со читателите, со кои уште повеќе ќе се овозможи достапност на книгите на македонски јазик до секој македонски читател. Идејата преку „Матица македонска“ книга да има во секој дом е дел од визијата со која пред 35 години Раде Силјан ја формира издавачката куќа, воден од мислата дека книгата не е само предмет, туку е чувар на душата на еден народ - информираат од „Матица македонска“.
Од таму додаваат дека зимскиот саем на книгата „Книга во секој дом“ се организира повеќе од 25 години. Преку него со години се потврдува дека и во време кога новите технологии земаат најсилен замав, во Македонија има сериозна и многубројна читателска публика, која бара книгата соодветно да дојде до неа.
- Во изминатите 25 години, од првото издание на „Книга во секој дом“ наваму, се успеа да се оствари пораст на бројот на читатели, а македонската продукција да бележи огромен раст и прогрес на интересот за книги на македонски јазик, со што домашните библиотеки стануваа сѐ побогати со македонски изданија. Дури во 2000 година книгите на македонски јазик биле застапени со само 7 % од вкупната продажба, во одреден период веќе се успеа македонската продукција да биде застапена со огромни 83 % и во исто време бројот на читатели членови на „Клуб Матица“ покажува дека читателската публика е зголемена и за повеќе од 40 пати. Во моментот во „Клуб Матица“ членуваат над 50.000 читатели - велат од „Матица македонска“.
Во текот на годините „Матица македонска“, нагласуваат од таму, стана дом на македонските великани, како: Блаже Конески, Славко Јаневски, Кирил Пенушлиски, Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Ташко Георгиевски, Радован Павловски, Петар Т. Бошковски, Миодраг Друговац, Милан Ѓурчинов, Јован Стрезовски, Димитар Ќорнаков, Цветан Грозданов, Танас Вражиновски, Блаже Ристовски, Јован Павловски, Никола Кљусев, Васко Ташковски, Божин Павловски, Паскал Гилевски, Владимир Костов, Блаже Миневски, Иван Чаповски, Ефтим Клетников, Велко Неделковски, Веле Смилевски, Драги Михајловски, Драган Даутовски, Димитар Пандев, Весна Мојсова-Чепишевска, Иван Антоновски, Павле Кузмановски, Стојко Стојков, Витомир Митевски, Стефан Влахов Мицов, Стојан Тарапуза, Кристина Николовска и многу други. Во текот на годинешното издание на „Книга во секој дом“, нивните книги за читателите ќе бидат достапни по посебен јубилеен попуст заради остварување на целта на „Матица македонска“ за афирмација на македонските книжевни и воопшто културни вредности. Особено внимание е посветено и на сите странски автори за кои читателите искажуваат посебен интерес, но и на делата од историјата на светската книжевност, што „Матица македонска“ ги овозможи во превод на македонски јазик. сст/дма/
Фото: „Матица македонска“