• Friday, 18 October 2024

На малата сцена на велешкиот театар гостува претставата „Види летам“

На малата сцена на велешкиот театар гостува претставата „Види летам“

Велес, 17 октомври 2024 (МИА) - Вондерленд театар од Скопје во соработка со Младински образовен форум (МОФ) и УНХЦР, Агенцијата на ОН за бегалци, вечер во 20 часот на малата сцена на театарот„Јордан Хаџи Константинов-Џинот во Велес  ќе ја изведе  претставата „Види, летам!“. Претставата е бесплатна, а поради малиот број на седишта само 100, карти треба навреме  да се резервираат, телефонски или на касата од театарот, информираат за МИА од велешкиот театар.

„Види, летам!“ е претстава која е правена по вистински приказни на лица бегалци, баратели на азил и лица без државјанство. Овие луѓе на посебни работилници водени од тимот на претставата, храбро ги споделија своите животни искуства со актерите, авторот и режисерот. Нивните идентитети во текот на целиот процес остануваат заштитени и анонимни. Раскажаните приказни авторот на претставата Ана Ристовска Трпеноска ги преточи во емотивен текст кој што говори за трауматичните настани низ кои овие лица поминувале но и за нивните детства, соништа, емотивни потреби, љубовни искуства и потребата да бидат дел од задницата која често ги отфрла. Проектот е во режија на Ивана Ангеловска, а под креативно водство на уметничкиот координатор Нела Витошевиќ. Во претставата играат актерите Никола Настоски, Исмет Шабановиќ, Ана Димитрова, Леонардо Лазов и Сара Спиркоска.

Поддржан од Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНЦХР) и Младинскиот образовен форум (МОФ),претставата  „Види, летам“ на Вондрленд театар се обидува да ја поттикне емпатијата со бегалците и лицата без државјанство. Со доближување на овие важни човечки приказни, продукцијата има за цел да поттикне подлабоко разбирање и поврзување во нашата заедница.

Вондерленд театар е независна театарска продукција со седиште во Скопје. Главните цели на продукцијата поткревање на свеста а потребата од културна и општествена промена како и внесување свежина на независната уметничка сцена, експериментирајќи со алтернативни места и виртуелен простор.ад/са/

Фото: МИА