• Friday, 18 October 2024

Затворен за сообраќај дел од штипскиот булевар „Партизанска“

Затворен за сообраќај дел од штипскиот булевар „Партизанска“

Штип, 17 октомври 2024 (МИА) – Се асфалтира булеварот „Партизанска“ и се градат тротоарите на потегот од новиот кружен тек до населбата Баби, информираше денеска градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.

Тој истакна дека целиот период додека се одвиваат градежните активности на терен потегот ќе биде целосно затворен за сообраќај. Повика и на трпение од страна на сите учесници во сообраќајот.

-Овде морам да истакнам дека сме навлезени во една фаза на реализација на еден дел од самиот булевар. Веќе се уредуваат тротоарските површини, на одредени краци од булеварот започна асфлтирањето со нанесување на прв асфалтен слој. Се трасира коловозната лента. Во наредниот период се додека се одвиваат градежните активности овој потег ќе биде затворен за сообраќај и ќе има отежнато функционирање во овој дел од градот. Затоа повикувам на трпение, рече Јорданов.

Со реализација на проектот за изградба и проширување на булеварот „Партизанска“  дополнително ќе се развие овој дел од градот, посочи Јорданов додавајќи дека се предвидени содржини за урбанизација.

-Се предвидуваат одредени содржини, кои ќе го урбанизираат потегот каде минува самиот булевар. Така што  апелот до граѓаните е додека се работи да бидат трпеливи, рече Јорданов.

Инаку, започната е и втората фаза од изградбата на булеварот „Партизанска“, од новиот кружен тек до зградата на Автомотодруштвото (АМД), а во наредниот период ќе бидат дислоцирани и времените објекти кои се наоѓаат на овој потег. За семејствата ќе бидат обезбедени типски куќи. вдј/хс/

Фото: МИА