МВР Билтен
- СВР Битола поднесе кривична пријава против Б.Н. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 28.04.2025, полициски службеници извршиле преглед на патничко возило кое го управувал Б.Н., при што кај сопатникот била пронајдена и одземена марихуана, која претходно ја набавил од пријавениот.
Скопје, 23 јануари 2026 (МИА) - СВР Битола поднесе кривична пријава против Б.Н. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 28.04.2025, полициски службеници извршиле преглед на патничко возило кое го управувал Б.Н., при што кај сопатникот била пронајдена и одземена марихуана, која претходно ја набавил од пријавениот.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против Б.И.(34), Б.И.(30), В.И.(29), Ј.Б.(37), Џ.Б.(30) и Ј.Џ.(63), сите од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „насилство“ и „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“. На 05.11.2025 во с.Желино, тетовско, по претходна расправија помеѓу Ј.Џ. и Б.И., Ј.Џ. се обидел со метален предмет да го нападне Б.И., но биле разделени. Подоцна, расправијата прераснала во физичка пресметка помеѓу сите пријавени, при што Ј.Џ. со огнено оружје му упатил закани на Б.И..
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево поднесе кривична пријава против 48-годишен маж од Делчево поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „загрозување на сигурноста“, „телесна повреда“ и „насилство врз дете“. На 09.01.2026 во семејниот дом, пријавениот се заканувал на неговата сопруга, по што физички ја нападнал во присуство на нивната малолетна ќерка и предизвикал страв и вознемиреност кај детето.
На 22.01.2026 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода З.Д.(45) и Т.А.(28), двајцата од Скопје, затоа што кај нив е пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни поднесоци.
На 22.01.2026 во 16:20 часот на улица „168“ во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово го приведоа Е.В.(48) од Тетово врз основа на наредба од Основен суд Тетово за издржување затворска казна од шест месеци, за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“. Лицето е спроведено во Казнено – поправната установа Затвор Тетово за издржување на казната.
На 22.01.2026 околу 09:00 часот во атар на с.Град, делчевско, кај место викано „Трендафилово“, полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Исток забележале две лица, од кои едното носело ловечка пушка. Лицето кое носело пушка се дало во бегство, но набргу, по преземени мерки, е пронајдено и лишено од слобода. Констатирано е дека се работи за Т.С.(48) од с.Град. Во негова близина е пронајдена и одземена ловечка пушка „орозарка“ за која е утврдено дека била во сопственост на неговиот починат дедо. Известен е јавен обвинител, а лицето е задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена пријава по член 396 и 228 од Кривичниот законик.
СВР Охрид поднесе кривична пријава против Е.А.(67) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“. На катастарска парцела во Охрид, тој без правосилно одобрение за градење издадено од Секторот за урбанизам и управување со градежно земјиште од општина Охрид, извршил доградба на постоечки објект, по што е донесено решение за отстранување на градбата.
ОВР Дебар поднесе кривична пријава против М.Р.(57) од дебарското село Скудриње, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вршење јавен превоз без поседување лиценца“. На 16.01.2026 при сообраќајна контрола извршена на улицата „Елена Ѓика“ во Дебар, полициските службеници го затекнале пријавениот како со возило „форд транзит“ врши јавен превоз без да поседува соодветна лиценца издадена од надлежен државен орган.
СВР Охрид поднесе кривична пријава против Р.З.(70) од Кавадарци, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“. Тој, на катастарска парцела во охридското село Љубаништа, без правосилно одобрение за градење издадено од Секторот за урбанизам и управување со градежно земјиште од општина Охрид, изградил викенд куќа, по што е донесено решение за отстранување на градбата.
На 22.01.2026 во 10:50 часот во ОВР Кавадарци е пријавено дека во Општа болница Кавадарци со тешка телесна повреда бил донесен А.М.(34) од с.Ваташа, кавадаречко. Според пријавеното, тој се здобил со повредата додека извршувал работни задачи во фабрика во Кавадарци. За настанот биле известени јавен обвинител и трудов инспектор, а увид извршила увидна екипа од ОВР Кавадарци.
На 22.01.2026 во 17:30 часот во СВР Скопје, Г.Г.(48) од Скопје пријави дека околу 16:00 часот на игралиште на подрачје на Центар во Скопје, три лица, од кои едниот со употреба на остар предмет, со закани од неговиот малолетен син, кој бил со двајца другари, одзеле пари. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 23.01.2026 во 00:05 часот во СВР Скопје, Б.И.(18) од Скопје пријави дека пред влезот на неговиот дом на подрачјето на Чаир во Скопје, неколку лица физички го нападнале. Според пријавеното, тој се сомнева дека нападот е извршен поради нарушени односи со неговата вереница и дека неколку пати добивал пораки со закани од нејзиниот татко. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 22.01.2026 во 08:37 часот во СВР Скопје е пријавено дека во домот на подрачјето на Ѓорче Петров во Скопје бил пронајден починат П.Б.(45) од Скопје. Лекар констатирал смрт без видливи траги на насилство, а по наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е дадено за обдукција. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Скопје.
На 22.01.2026 околу 03:10 часот на паркинг простор од бензинска пумпа на автопатот Куманово - Скопје, полициски службеници од Мобилната единица за компезаторни мерки при Одделот за гранични работи и миграции во БЈБ ги лишија од слобода Б.К (40) од Турција и А.Д.(56) од с.Слупчане, општина Липково. Имено, по преземени мерки, Б.К. е затекнат како од автобусот, со кој патувал од Турција кон Косово, извадил еден пакет кој го предал на А.Д., кој бил со патничко возило „цитроен ц5“ со кумановски регистарски ознаки. Откако А.Д. го зел пакетот и го ставил во своето возило, бил запрен од полициските службеници кои извршиле контрола во возилото и при тоа во пакетот е пронајден jод, без соодветна документација (материја за која што за нејзино внесување, чување и продавање подлежи на посебни лиценци издадени од Министерство за здравство). Двете лица се задржани во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.
На 22.01.2026 во 12:00 часот во СВР Скопје, 53-годишен маж од Скопје пријави дека на 21.01.2026 околу 22:30 часот во семејниот дом на подрачјето на Карпош бил физички нападнат од неговиот син Е.И.(25), кој употребил и тврд предмет и оштетил дел од покуќнината. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 22.01.2026 во 12:00 часот во СВР Скопје – Полициска станица Карпош, Ш.Ч.(39) од Скопје пријави дека на 21.01.2026 околу 12:00 часот во училишен двор од основно училиште на подрачјето на Влае во Скопје, по претходно недоразбирање на социјална мрежа, неговиот 14-годишен син бил физички нападнат од друг малолетник, при што се здобил со повреди. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 22.01.2026 во 22:00 часот во с.Злокуќани, скопско, полициски службеници од СВР Скопје ги приведоа М.Н.(22) од с.Стајковци, скопско и И.К.(44) од с.Трубарево, скопско, постапувајќи по претходна пријава дека околу 21:00 часот физички го нападнале Ј.И.(29) од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 22.01.2026 во 16:40 часот во СВР Скопје е пријавено дека во населбата Усје, по претходно недоразбирање во сообраќајот, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Н.М.(23) и М.М.(47), двајцата од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 22.01.2026 во 15:00 часот во СВР Скопје, А.П.(39) од Скопје пријави дека околу 10:15 часот на подрачјето на Чаир, по претходно недоразбирање во сообраќајот, бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 22.01.2026 во 10:00 часот во СВР Скопје, М.С. од Турција пријави дека бил измамен од едно лице за сума од 6.650 евра. Според пријавеното, тој во месец октомври 2025 година преку социјална мрежа стапил во контакт со лицето, кое наводно посредувало за добивање документи за работа и престој во државата, по што во неколку наврати лично и преку трансакциска сметка му ги исплатил паричните средства, а исто така платил и за договор за закуп на стан, кој бил заверен на нотар. Откако лицето не му се јавило подолг период сфатил дека бил измамен. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. дма/
Фото: МИА архива