• Friday, 03 January 2025

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)

Скопје, 31 декември 2024 (МИА) - Во 12:30 часот на Градскиот пазар во Куманово, вчера, полициски службеници го лишиле од слобода Б.И., 51-годишен кумановец, затоа што кај него биле пронајдени и одземени околу 700 парчиња пиротехнички средства.

Тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против него ќе следува соодветна пријава.   

Вчера на улицата „Филип Втори Македонски”, полициски службеници од СВР - Битола ги лишиле од слобода Д.Р., 32-годишно лице и Ф.М., на возраст од 43 години, двајцата битолчани, затоа што кај нив биле пронајдени и одземени разновидни пиротехнички средства.

По документирање на настанот, против двајцата ќе следуваат соодветни пријави.

Вчера на улицата „Столарска”, полициски службеници од СВР - Битола го лишиле од слобода Б.М., 53-годишен битолчанец, затоа што кај него биле пронајдени и одземени разновидни пиротехнички средства.

По документирање на настанот, против него ќе следува соодветна пријава.

Вчера на улицата „Македонска”, полициски службеници од СВР - Битола ги лишиле од слобода Д.Б., 36-годишно лице и Г.М., на возраст од 34 години, двајцата битолчани, затоа што кај нив биле пронајдени и одземени разновидни пиротехнички средства.

По документирање на настанот, против двајцата ќе следуваат соодветни пријави.

Синоќа во 19:30 часот во село Матејче, општина Липково, полициски службеници од СВР - Куманово извршиле преглед кај В.О., на возраст од 20 години, при што биле пронајдени и одземени над 500 парчиња пиротехнички средства.

По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Вчера во девет часот, полициски службеници од СВР - Куманово го привеле Е.И., на возраст од 34 години, кој бил баран по потерница врз основа на наредба од кумановскиот Основен суд за издржување на казна затвор.

Е.И. бил спроведен во Казнено - поправната установа „Затвор - Куманово“ за издржување на казната.

Синоќа од 23 до пет часот денеска, полициски службеници од СВР - Тетово извршиле контрола во угостителски објект покрај автопатот Тетово - Скопје.

Објектот бил сопственост на Џ.М.,на возраст од 43 години од Тетово. При контролата биле затекнати осум женски лица, од кои пет македонски и три странски државјанки, кои го злоупотребиле туристичкиот престој. Тие биле приведени и задржани во полициска станица за понатамошна постапка.

Вчера во 17:30 часот во ОВР - Гостивар, 36-годишна жена од овој град, пријавила дека била измамена од едно лице за сума од 380 евра.

Според пријавеното, лицето се претставило дека работи со хуманитарни организации од Косово и Албанија и оти за лекување биле обезбедени 7.000 евра, но, за да ги добие, требало да уплати 380 евра преку брз трансфер на пари. Како што е пријавено, таа позајмила пари и му ги пуштила, но, веќе наредниот ден, не одговарало на нејзините повици, по што сфатила дека била измамена. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

Синоќа во 22:20 часот, полициски службеници го лишиле од слобода З.Р., 61-годишник од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека околу 17 часот во зградата каде живее на подрачјето на Центар, физички го нападнал неговиот сосед И.С., на возраст од 64 години.

По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.

Вчера во 12:20 часот во СВР - Скопје било пријавено дека на подрачјето на Ѓорче Петров, настанал пожар во патничко возило „ауди“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на М.Н., 44-годишно лице од главниот град на државава.

Според пријавеното, пожарот настанал при стартување на возилото и притоа, делумно било зафатено и патничко возило „хјундаи“ со скопски регистарски ознаки, што било паркирано до возилото „ауди“. Пожарот бил изгаснат, а повредени лица нема.

Денеска во 2:15 часот во СВР - Скопје било пријавено дека околу 1:50 часот во населбата Нова Колонија, нарушен бил јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Б.Д., 22-годишно лице од скопско Р`жаничино и Е.Л., на возраст од 39 години од село Долно Коњари.

По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.

Синоќа во 20:30 часот во СВР - Скопје, А.И., 69-годишник од скопско Инџиково, пријавил дека околу 11:30 часот во селото бил физички нападнат од Б.С..

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Синоќа во 21:20 часот во СВР - Скопје, В.К., 38-годишна скопјанка, пријавила дека околу 19 часот во нејзиниот дом на подрачјето на Центар, физички била нападната од М.П., која оштетила и дел од покуќнината.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера во 17:30 часот во СВР - Скопје, А.М., 21-годишен скопјанец, пријавил дека претходниот ден, околу 3:10 часот пред угостителски објект на подрачјето на Центар, физички бил нападнат од неколку лица, при што едно од нив му одзело личен накит.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера околу 10:30 часот во СВР - Скопје, 33-годишна жена од скопско пријавила дека околу 00.00 часот во семејниот дом била физички нападната од нејзиниот сопруг И.Ц., на возраст од 39 години.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

СВР - Велес поднесе кривична пријава против Б.З.(36), В.В.(18), С.З.(57) и еден малолетник, сите од овој град, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“.

На 27 декември во близина на Велешко езеро, пријавените физички нападнале вработени во Шумска полиција, кои ги затекнале при бесправна сеча на огревно дрво, при што првопријавениот со нож нанел повреди на двајца шумски полицајци и истовремено се обиделе да ги нападнат и со моторна пила.  

СВР - Велес поднесе кривична пријава против В.П.А., 34-годишно лице од Кавадарци, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“.

На 28 декември, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што биле пронајдени и одземени кокаин, марихуана, амфетамин, таблети МДМА, семки од канабис и пари во разни апоени.

СВР - Охрид поднесе кривична пријава против А.М., 53-годишно лице од овој град, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“.

Полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што биле пронајдени и одземени повеќе куршуми со различен калибар.  

Надворешната канцеларија за криминалистички работи - Свети Николе поднесе кривична пријава против С.В., 40-годишно лице од село Стрезовце, општина Старо Нагоричане, вработено во ЈП „Национални шуми“, подружница - Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“.

На 10 ноември во село Живиње, кумановско, со пропуштање на должен надзор, пријавениот постапил спротивно на Правилникот за видот и начинот на жигосување, начинот на издавање на испратница и пуштање во промет на исечено дрво по Законот за шумите, со што нанел материјална штета на И.П. во износ од 307.500 денари. На 20 ноември, иако бил отсутен од работа, пријавениот му издал испратница на превoзник за превоз на огревно дрво, кој ги товарил во товарно возило „там“. Подоцна, при контрола на возилото од Шумска полиција, бил констатиран прекршок од Законот за шуми, по што дрвата и возилото биле одземени.

СВР - Тетово поднесе кривична пријава против С.А., 71-годишно лице од село Варвара, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“.

Во текот на 2024, пријавениот на приватен имот на место викано „Аджино“ во село Варвара во зона на Националниот парк „Шар Планина“ изградил објект, поставил дрвени столбови, дрвена тераса и темел без одобрение за градба од надлежен орган. бд/дма/

Фото: МИА архива