МВР Билтен (ДПЛ)
- Скопје, 23 декември 2024
Скопје, 23 декември 2024 (МИА) - ОВР Струга поднесе кривична пријава против Р.М.(58) од струшкото село Франгово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. При контрола, извршена на улица „Ристо Крле“ во Струга, полициските службеници од Одделението за недозволена трговија со дрога при ОВР Струга кај него пронајдоа и одзедоа хероин.
Вчера околу 10.00 часот во СВР Скопје, Р.А.(65) од Скопје пријавила дека околу 06.45 часот во станот на подрачје на Гази Баба, каде што живеее како потстанар со нејзиниот малолетен внук, две лица со употреба на сила влегле во станот, физички и со метален предмет го нападнале внукот и им одзеле пари. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Во СВР Скопје вчера во 03:10 часот било пријавено дека во с.Кондово, скопско, било опожарено патничко возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на А.Љ.(28) од с.Кондово, кое било паркирано во неговата авто перална. Повредени лица нема, а пожарот бил изгаснат. Увид бил извршен од екипа на СВР Скопје.
Вчера во 20.30 часот во ОВР Прилеп било пријавено дека околу 19.30 часот на ул.„Поп Аврамија” во Прилеп било забележано едно лице како фрла експлозивна направа, при што настанала експлозија пред куќа и патничко моторно возило „пежо 207" со прилепски регистарски ознаки, сопственост на С.Л.(21) од Прилеп. Нема повредени лица. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.
Денеска во 00.30 часот во СВР Скопје, А.Б.(44) од Скопје пријавил дека на 22.12.2024 околу 22.10 часот на паркинг на подрачјето на Центар, по претходно недоразбирање, бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Во СВР Скопје, денеска во 00:33 часот Ј.Ш. (36) од Скопје пријавил дека на подрачјето на Бит Пазар, тој и А.Ш.(45) од Скопје, по претходно недоразбирање околу паркинг простор, биле физички нападнати од А.В.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Вчера во 14.30 часот во СВР Скопје, Б.А.(28) од Скопје пријавил дека на подрачјето на Бит Пазар, по претходно нерасчистени должничко - доверителски односи, бил физички нападнат од Е.М.(62) од Скопје, кој употребил и остар предмет. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
Во СВР Скопје, вчера во 18:40 часот И.П.(50) од с.Сарај, скопско, пријавила дека во близина на Транспортен центар во Скопје нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Вчера во 20.20 часот во Полициската станица за граничен надзор Долно Блаце бил приведен А.М.(30) од Косово затоа што агресивно се однесувал кон полициска службеничка која извршувала службени дејствија. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
Во Скопје, вчера во 11:30 часот на подрачјето на Драчево, полициски службеници од СВР Скопје ги привеле А.С.(31) од с.Батинци, скопско, и Д.Н.(33) од Скопје, затоа што околу 11.00 часот, по претходно случена сообраќајна несреќа, го нарушиле јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу А.С. и Е.Б.(28) од с.Батинци од една страна и Д.Н. од друга страна. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
Вчера во 13.15 часот во Скопје, на подрачјето на Центар, полициски службеници од СВР Скопје го привеле А.Б.(30) од Скопје затоа што агресивно се однесувал кон полициски службеници кои извршувале службени дејствија. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
Во Полициската станица Кисела Вода, вчера во 17:00 часот полициски службеници од СВР Скопје извршиле службен разговор со В.Б.(48) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека на 21.12.2024 околу 19.30 часот во семејниот дом на подрачјето на општина Аеродром физички ја нападнал неговата 44-годишна сопруга, при што употребил и тврд предмет. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
Вчера околу 15.40 часот во Полициската станица Гази Баба, Р.Ѓ.(51) од с.Јурумлери, скопско, пријавил дека се вратил неговиот брат Д.Ѓ.(47), кој на 21.12.2024 беше пријавен дека се оддалечил од домот.
Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР поднесе кривична пријава против Љ.Б.(37) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации“. Во периодот од септември 2023 година, пријавениот заедно со сега починатиот Т.Ш., преку апликацијата „Телеграм“ аплицирале на отворен конкурс за учество во руска војска за месечен надомест од 3.000 евра. По обезбедување на виза за патување, двајцата заминале за Русија, каде на 23.09.2024 потпишале договор со Министерството за внатрешни работи на Доњецка Народна Република за служење во нивните воени, паравоени и параполициски единици, а со тоа учествувале во воениот конфликт помеѓу Руската Федерација и Украина. На 09.12.2024 бил извршен претрес во неговиот дом, при што биле пронајдени и одземени компјутер, мобилни телефони, тактичка облека, документи на руски јазик на негово име и други предмети. Од судија на претходна постапка, на пријавениот му е одредена мерка домашен притвор во траење од 30 дена.
Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР поднесе кривична пријава против М.Г.(37) од Скопје - управител на едно правно лице од Скопје, Ф.Б.(42) од Скопје - управител на друго правно лице од Скопје и Д.Г.(46) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавнa набавкa или јавно-приватно партнерство“. Првопријавената, во периодот од август 2022 до април 2023 година, самостојно и за свои интереси ги спроведувала јавните набавки во име на Казнено - поправна установа, како и на три основни училишта на подрачје на Скопје, во кои била ангажирана како давател на советодавни услуги во областа на јавните набавки, при што самата поднесувала понуди во име на своето правно лице или во името на второто правно лице – приватна здравствена установа од истиот компјутер од кој огласот претходно го објавила, иако знаела дека согласно Законот за јавни набавки таа нема овластување да објави оглас во име на договорен орган и да поднесе понуда во име на економски оператор. Второпријавениот овозможил достапност на неговото корисничко име и лозинка од ЕСЈН и токенот за електронски потпис на пријавените М.Г. и Д.Г., со цел прв да поднесува понуди знаејќи дека сите понудувачи во конкретните огласи за здравствени прегледи секогаш нуделе иста цена и пресудно било времето на поднесување на понудата и на тој начин оневозможил некој друг економски оператор да ги добие договорите за јавни набавки во конкретните постапки кај државните институции. Третопријавениот, во својство на извршител на услуги во основно училиште на подрачје на Скопје, иако знаел дека не смее и нема овластување да објави оглас во име на договорен орган и да поднесе понуда во име на економски оператор, предизвикал неоправдано ограничување на конкуренцијата помеѓу економските оператори и неовластено ги поседувал податоците од одговорните лица на училиште од Скопје за најава на ЕСЈН и истите ги искористил, за во името на Договорниот орган, неовластено и самостојно да ја спроведе постапката и да влијае на нејзиниот исход. Врз основа на издадени наредби, на подрачјето на Скопје извршени се претреси во дом и други простории кај пријавените лица, при што се пронајдени предмети кои се предмет на кривично дело. аа/
Фото: МИА архива