Зеленски за руските напади врз нуклеарните централи: Дури ни терористите тоа не би го дозволиле
- „Блоковите на нашите украински нуклеарни централи денеска го намалија производството, еден блок автоматски се исклучи. Ова е нивото на влијание што ниту еден терорист во светот не си го дозволил“, рече Зеленски.
Киев, 7 февруари 2026 (МИА) - Украинскиот претседател Володимир Зеленски вечерва изјави дека денешните руски напади врз објектите од кои зависи работењето на нуклеарните централи во Украина имаат, како што изјави, „ниво на напад што ниту еден терорист во светот не би го дозволил“.
Во вечерното видео обраќање, Зеленски изјави дека Русите во текот на изминатата ноќ нападнале, меѓу другото, објекти од кои зависи работењето на нуклеарните централи, што, како што истакна, претставува закана не само за Украина, туку и за Европа, пренесува РБК-Украина.
„Блоковите на нашите украински нуклеарни централи денеска го намалија производството, еден блок автоматски се исклучи. Ова е нивото на влијание што ниту еден терорист во светот не си го дозволил“, рече Зеленски.
Тој го повика целиот свет да реагира на најновите руски напади.
Изминатата ноќ, Русите ја нападнаа Украина со околу 400 беспилотни летала и 40 ракети од различни видови, главно насочени кон енергетски објекти, а во повеќето украински региони беа воведени итни прекини на електричната енергија.сд/
Фото: Зеленски ФБ