• Saturday, 04 April 2026

Врвна пијанистичка вечер со Марија Ѓошевска

Врвна пијанистичка вечер со Марија Ѓошевска

Скопје, 3 април 2026 (МИА) - Една од најреномираните македонски пијанистки, Марија Ѓошевска, ќе одржи Рецитал на 7 април во Камерната сала на Македонската Филхармонија, кој ветува исклучително музичко доживување за љубителите на класичната музика.

Препознатлива по својата техничка брилијантност, стилска прецизност и силна интерпретативна индивидуалност, Ѓошевска со години ја гради својата репутација на домашната и меѓународната сцена.

Покрај богатата изведувачка активност на престижни фестивали и концертни подиуми низ Европа и светот, таа е и редовен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде активно придонесува во развојот на новите генерации пијанисти и музички уметници.

Рециталната програма е внимателно конципирана и носи дела од врвот на пијанистичкиот репертоар. Публиката ќе има можност да ги слушне „24 Прелудии“, оп. 28 од Фредерик Шопен – циклус кој преку кратки, но исклучително длабоки минијатури го открива целиот емоционален универзум на композиторот.

Концертот ќе биде заокружен и со варијациите оп. 22 од Сергеј Рахмањинов, дело кое се издвојува по својата виртуозност, драматичен набој и богата хармонска експресија.

Посебен сегмент од програмата е посветен на современото македонско творештво, преку изведбата на делото „Felem“ за соло пијано од композиторката Бете Илин, со што концертот добива и значајна културна димензија во контекст на афирмацијата на домашната музичка сцена.

Овој рецитал претставува ретка можност за публиката да проследи врвна уметничка интерпретација и внимателно избрана програма која обединува класика и современ израз.

Концертот е финансиран како проект од национален интерес во културата од областа на музичката и музичко-сценската дејност на Министерството за култура и туризам на Република Македонија за 2026 година. нд/

Фото: Плакат