• Sunday, 06 October 2024

Во Струмица се одржа Агро саем, прогласени најдобрите жени фармери

Во Струмица се одржа Агро саем, прогласени најдобрите жени фармери

Струмица, 5 октомври 2024 (МИА) - Владанка Ристиќ од село Тимјаник, Неготино, Валентина Дукова, од Градско, Велес, Марија Стојанова од село Балдовци, Струмица и Весна Јаневска од Росоман, Кавадарци се прогласени за најдобри жени фармери на четвртото издание на манифестацијата „Агро саем Струмица 2024“ што се одржа денеска на плоштадот „Гоце Делчев“ во Струмица, на кој беа изложени голем број земјоделски производи и земјоделска механизација.

Саемот го организираше здружението „Проагро фармери“ од Струмица и според претседателот Борче Јанев, целта на оваа манифестацијата е поддршка на домашното земјоделско производство,да се подигне свеста за домашно произведената храна и да се купуваат македонски производи.

-Ова не е само саем, туку е и вистински фестивал на вкусовите и традициите кадешто ќе ја почитуваме домашната храна и ќе ја поддржиме локалната економија. Како домаќини на четвртиот Агро саем во Струмица чест и задоволство е да се запознаеме со стотина локални производители, да ги слушнеме нивните приказни, да ја вкусиме нивната храна и да се исполниме со прекрасните вкусови, рече Јанев.

Манифестацијата за отворена ја прогласи градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.

-Вистински празник за очи и душа се изложените производи, од струмичките „чушки и френки“, ајварот и лутеницата, преку виното и ракијата, медот и маџунот, јаболковиот оцет, разните видови сирења, па се до слатко од разни овошја и природни сокови. Ете тоа е нашето богатство кое треба да го чуваме, негуваме и надградуваме. Ете тоа се плодовите од нашиот аграр кои успеваат под врелото македонско сонце, кои растат по плодните почви од нашите ниви. Ете тоа поминува низ вредните раце на производителите, благословени од Бога. Нека биде така и понатаму. Не смееме да дозволиме, земјоделството и другите производни гранки да бидат во залез, истакна Костадинов.

На саемот беа прогласени и најдобрите производители на мед и беше избран најдобар штанд.

Манифестацијата се одржа со финансиски помош од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Општина Струмица. рт/дма/

Фото: МИА