• Wednesday, 25 December 2024

Во Бразил затворена кинеска фабрика за електрични автомобили бидејќи работниците живееле како робови

Во Бразил затворена кинеска фабрика за електрични автомобили бидејќи работниците живееле како робови

Бразилија, 24 декември 2024 (МИА) – Бразилските власти ја стопираа изградбата на фабрика за кинескиот производител на електрични возила БИД (BYD) поради работниците кои живееле во услови што „можат да се споредат со ропство“.

Во соопштението од Канцеларијата на јавниот обвинител за труд (МПТ) се наведува дека се спасени над 160 работници во бразилската североисточна држава Баија. Работниците престојувале во „понижувачко“ опкружување, а градежната фирма им ги одзела пасошите и не им исплаќала плати.

БИД соопшти дека ги прекинала врските со градежната компанија и оти останува посветена на „целосното усогласување со бразилското законодавство“.

Предвидено беше фабриката да почне со работа во март 2025 година и требаше да биде првата фабрика за електрични возила на БИД надвор од Азија.

Работниците, ангажирани од „Џинџијанг констракшн Бразил“ (Jinjiang Construction Brazil), живееле во четири објекти во градот Камачара. Во еден таков објект работниците биле принудени да спијат на кревети без душеци. Една бања делеле 31 работник, а биле принудувани да стануваат исклучително рано за да бидат подготвени за работа.

Според бразилските закони, условите слични на ропство вклучуваат должничко ропство и работа која го нарушува човечкото достоинство.

МПТ посочува дека имало и присилна работа бидејќи на многу работници им биле исплатени плати, а работниците се соочиле со огромни трошоци за раскинување на договорите за работа.

БИД соопшти дека работниците се преместени во хотели.

БИД е кратенка од Изградете ги вашите соништа (Build Your Dreams), и е еден од најголемите светски производители на електрични возила. Во последните три месеци од 2023 година БиД продаде повеќе електрични возила од Тесла. Компанијата го проширува своето место во Бразил, кој е нејзиниот најголем странски пазар. ми/

фото: МПТ