• Sunday, 27 October 2024

„Вашингтон пост“ нема да поддржи ниту еден кандидат на претседателските избори во САД

„Вашингтон пост“ нема да поддржи ниту еден кандидат на претседателските избори во САД

Вашингтон, 25 октомври 2024 (МИА) – Вашингтон пост, весникот познат по откривањето на скандалот Вотергејт, нема да поддржи ниту еден кандидат на претседателските избори во САД што ќе се одржат на 5 ноември, а тоа ќе го направи и за идните избори, рече денеска неговиот генерален директор Вилијам Луис.

- Свесни сме дека оваа одлука ќе предизвика бројни толкувања, дека ќе се гледа како премолчена поддршка за еден од кандидатите, или отфрлање на друг или како наше бегство од одговорноста. Тоа е неизбежно. Тоа не е наше мислење, напиша тој.

Одлуката доаѓа откако претседателските кандидати, демократската потпретседателка Камала Харис и поранешниот републикански претседател Доналд Трамп се изедначени во анкетите.

Големиот американски весник, во сопственост на основачот на Амазон, Џеф Безос, ги поддржа демократските претседателски кандидати во 2008, 2012, 2016 и 2020 година.

Вилијам Луис, сепак, ја опиша денешната одлука како „враќање кон корените“, посочувајќи дека Вашингтон пост, на пример, се воздржувал да повика на гласање за едниот или другиот кандидат на изборите во 1960 година на кои победи демократот Џон Кенеди.

Одлуката да не зазема страна ја бранеше како „договор со вредностите“ на весникот чие познато мото е „демократијата умира во темнина“.

- Нашата работа како дневен весник на најважниот главен град во светот е да бидеме независни. Тоа сме и секогаш ќе бидеме, рече генералниот директор на весникот.

Одлуката беше донесена откако сопственикот на друг голем американски весник, Лос Анџелес Тајмс, ја блокираше одлуката на уредничкиот колегиум на весникот, кој сакаше да ја поддржи Камала Харис.

Њујорк пост, ултраконзервативен таблоид во сопственост на тајкунот Руперт Мeрдок, денеска повика да се гласа за Доналд Трамп.

На 30 септември, редакцијата на престижниот Њујорк Тајмс ја поддржа демократската претседателска кандидатка. јт/