• Monday, 28 October 2024

Набљудувачите на ОБСЕ ги критикуваат изборите во Грузија

Набљудувачите на ОБСЕ ги критикуваат изборите во Грузија

Тбилиси, 27 октомври 2024 (МИА) – Меѓународните набљудувачи на изборите изразија загриженост за бројните нерегуларности по парламентарните избори во Грузија, пренесе ДПА.

Експертите се пожалија на случаи на заплашување гласачи, притисок врз власти, насилство врз набљудувачите, купување гласови, повеќекратно гласање и полнење гласачки кутии, соопшти мисијата на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) денеска во главниот град Тбилиси.

Тие побараа истрага за овие инциденти и повикаа на дополнителни демократски реформи.

Во исто време, шефот на мисијата Паскал Ализар ја пофали „демократската виталност на јужнокавкаската република, и покрај одредени неуспеси“. На гласачките ливчиња имаше вкупно 18 опции, истакна тој. Французинот изјави дека изборите, генерално, биле добро организирани.

Другите набљудувачи, исто така, го истакнаа силното присуство на граѓанското општество, обезбедувајќи надзор над гласањето и пребројувањето на гласовите.

Набљудувачите на ОБСЕ, исто така, изразија загриженост за новите авторитарни закони во земјата, критикувани од Европската унија и САД, како и за целокупната поларизирана ситуација.

Земјата се наоѓа на крстопат следејќи ги негативните трендови во последните месеци, велат тие.

Грузија е земја кандидат за ЕУ, но процесот во моментов е закочен поради овие контроверзни закони.

Изборната комисија ја прогласи конзервативната националистичка владејачка партија Грузиски сон за победник со апсолутно мнозинство. Поединечните блокови на проевропската опозиција не го признаа резултатот. јт/

Фото: Јутјуб скриншот