• Wednesday, 21 January 2026

Азески и директорот Пецоски во „Реплек“ АД на работна средба за новите инвестициски вложувања и извозните капацитети

Азески и директорот Пецоски во „Реплек“ АД на работна средба за новите инвестициски вложувања и извозните капацитети

Скопје, 20 јануари 2026

Претседателот на Комората, Бранко Азески, и членови на управниот одбор, денеска (вторник), во 14 часот, ќе ја посетат компанијата „Реплек“ АД Скопје, долгогодишна извозно ориентирана членка на Комората. Имајќи предвид дека унапредувањето на извозните потенцијали на компаниите претставува врвен приоритет на Стопанската комора на Северна Македонија и во наредниот период, средбата ќе биде искористена да се разговара за интензивните инвестициски активности на фармацевската компанија со 80 години традиција како симбол на континуитет, стабилност и јасна визија за иднината.

„Реплек“ АД Скопје е присутна на 25 пазари во Европа, Азија и Блискиот Исток, при што 75 % од приходите од продажбата се остварени на странски пазари, со план за проширување на присуството на уште 15 нови пазари. Потврда за успешноста се стратегијата на компанијата и растот на профитабилноста од 39 % во однос на 2024 година, со остварен профит од 5 милиони евра, над 400 вработени и активно учество во процесите поврзани со унапредување на деловното опкружување во земјата.

Улогата на Комората во поддршка на извозните и инвестициските процеси на компаниите е од исклучителна важност бидејќи таа претставува платформа преку која компаниите може да ги артикулираат своите ставови, потреби и предизвици, како и да придонесат кон креирање подобро и поконкурентно деловно опкружување.

Посетата на претседателот Азески на „Реплек“ АД е јасна порака на поддршка за компаниите што инвестираат во земјата, создаваат додадена вредност и ја градат својата конкурентност врз знаење, технологија и одговорност.

Изјави за медиумите во 14.30 часот во кругот на фабиката ќе дадат Душан Пецоски, генерален директор на „Реплек“ АД Скопје, и Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија.

Стопанска комора на Северна Македонија

You May Also Like