• e enjte, 09 janar 2025

Фицо: Во преговори со Путин обезбеден гас за Словачка

Фицо: Во преговори со Путин обезбеден гас за Словачка

Братислава, 9 јануари 2025 (МИА) - Словачкиот премиер Роберт Фицо изјави дека на Словачка и обезбедил резерви од гас за време на посетата и средбата со рускиот претседател Владимир Путин во Москва минатиот месец, пред Украина да го прекине транзитот на гас од Русија на почетокот на 2025 година.

-Морав да обезбедам гас барем за домашната словачка потрошувачка - што го обезбедивме, рече Фицо во видео објавено на Фејсбук.

Тој не откри повеќе детали за договорот за гас, а владината канцеларија не одговори веднаш на барањето за коментар.

Фицо го обвини Киев дека ѝ штети на Словачка со тоа што одби да го продолжи договорот за транзит на руски гас, што истече на крајот на 2024 година, и се закани дека ќе го прекине снабдувањето со електрична енергија за Украина и ќе ја намали помошта за бегалците.

Од прекинот на испораките преку Украина, Словачка продолжува да добива гас преку Унгарија, која добива руски гас преку турскиот гасовод, покажуваат податоците на словачкиот гасен оператор Eustream.

Фицо денеска треба да се сретне со претставници на Европската комисија во Брисел за да разговара за суспензијата на транзитот на гас преку Украина.

Киев соопшти дека со прекинот на транзитот на руски гас, ја лишува Москва од заработката што би ја финансирала војната во Украина.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го обвини Фицо дека отворил „втор енергетски фронт“ против Украина, по налог на Русија.сд/

фото: МИА архива

QËNDRONI TË LIDHUR