Трамп ја доби нововоспоставената Награда за мир на ФИФА на ждрепката за Светското првенство
- - Вие докажавте дека вашата мисија е да придонесувате за мирот. Бев во Појасот Газа, во Малезија, во Руанда, сум ги видел очите на мајките кои страдаат за своите деца, рече Инфантино.
- Post By Сања Костовска
- 19:30, 5 dhjetor, 2025
Вашингтон, 5 декември 2025 (МИА) - Американскиот претседател Доналд Трамп ја доби новооснованата Награда за мир на Светската федерација по фудбал (ФИФА) за време на церемонијата на извлекување на ждрепката за групната фаза на 23-тото Светско првенство во фудбал, кое ќе се одржи следната година. Наградата се доделува по првпат и е наменета за исклучителни достигнувања во напорите за мир и единство.
Признанието му беше доделено на шефот на американската држава од страна на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, во културниот центар „Кенеди“ во американската престолнина Вашингтон.
САД е домаќин на Светското првенство заедно со Мексико и Канада. На ждрепката присуствуваа претседателката на Мексико, Клаудија Шеинбаум, и премиерот на Канада, Марк Карни.

Трамп изјави дека по церемонијата ќе се сретне со нив.
Покрај статуетката, која претставува раце што држат глобус, американскиот претседател доби и медал. - Можете да го носите секогаш, рече Инфантино. - Ќе го ставам уште сега, изјави Трамп и го стави околу вратот. - Исклучително, фантастично, беа неговите први зборови.
- Вие докажавте дека вашата мисија е да придонесувате за мирот. Бев во Појасот Газа, во Малезија, во Руанда, сум ги видел очите на мајките кои страдаат за своите деца, рече Инфантино.
- Мислам дека може да се додаде и Конго, изјави Трамп, кој се заблагодари за поддршката на првата дама Меланија. - Тоа што лидерите на Мексико и Канада се тука докажува дека сме професионалци и заедно можеме да постигнеме многу. САД пред една година не се справуваа многу добро. Но сега светот е едно посигурно место, изјави американскиот претседател.
Церемонијата беше отворена со изведба на италијанскиот пејач Андреа Бочели, а потоа заедно пееја Американката Никол Шерцингер и Британецот Роби Вилијамс.
Трамп учествуваше во самото извлекување на ждрепката, заедно со Шеинбаум и Карни. ссм/мс/
фото: ЕПА