Регионалната стабилност и безбедност во фокусот на трилатералниот Самит Египет- Кипар- Грција
- Регионалната стабилност и безбедност, регионалните случувања, економската и културната соработка, енергетиката и миграцијата беа во фокусот на вчерашната средба меѓу египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси, кипарскиот претседател Никос Христодулидис и грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, за време на десетиот трилатерален Самит Грција-Египет-Кипар што се одржа во Каиро, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 9 јануари 2025 (МИА) – Регионалната стабилност и безбедност, регионалните случувања, економската и културната соработка, енергетиката и миграцијата беа во фокусот на вчерашната средба меѓу египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси, кипарскиот претседател Никос Христодулидис и грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, за време на десетиот трилатерален Самит Грција-Египет-Кипар што се одржа во Каиро, јави дописничката на МИА од Атина.
Во заедничката декларација, тројцата лидери ја потврдуваат нивната „силна посветеност на мирот, стабилноста и соработката“ кои, како што велат, го дефинираат нивното „трилатерално партнерство“.
-Препознавајќи ги предизвиците и можностите што се развиваат во нашиот регион, ние се стремиме да ги надградиме нашите заеднички интереси и да продолжиме да работиме заедно за промовирање на безбедноста, економскиот просперитет и одржливиот развој за нашите народи и за пошироките региони на Медитеранот и Блискиот Исток, пишува во заедничката изјава.
За ситуацијата на Блискиот Исток, изразуваат „длабока загриженост за војната во Газа која резултираше со катастрофална хуманитарна ситуација“ и го повторуваат нивниот повик за „спроведување на соодветните резолуции на Советот за безбедност на ОН“, но и посочуваат дека „Египет, Кипар и Грција ги следат неодамнешните случувања во Сирија“ и нагласуваат дека треба, во согласност со меѓународното право, „целосно да се почитуваат, единството, независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Сирија“.
Тројцата лидери се осврнуваат и на кипарското прашање за кое велат дека „сеопфатното и одржливото решение ќе придонесе за мирот и стабилноста во регионот“ и ја повторуваат поддршката за продолжување на мировниот процес, „кој повторно ќе го обедини Кипар како би-зонална, би-комунална федерација со единствен суверенитет, единствен меѓународен карактер и единствено државјанство, во согласност со соодветните резолуции на Советот за безбедност на ОН“. ср/
Фото: Кабинет на грчкиот премиер