Промовиран реновираниот оддел за физикална терапија во гостиварската општа болница
- Министерот за здравство Арбен Таравари денеска заедно со управата на болницата „Ферид Мурад“ во Гостивар го посетија целосно реновираниот оддел за физикална терапија, каде е поставена новата опрема и апаратура.
Гостивар, 27 декември 2024 (МИА) - Министерот за здравство Арбен Таравари денеска заедно со управата на болницата „Ферид Мурад“ во Гостивар го посетија целосно реновираниот оддел за физикална терапија, каде е поставена новата опрема и апаратура.
Реконструкцијата започна пред половина година и е дел од активностите кои раководството на болницата ги опфатија амбулантите за дерматовенерологија и урологија, делот за администрација, новиот паркинг и зеленило, а беше набавена и медицинска опрема.
- Во болницата се реновираа и други оддели и беа набавени нови апарати со средства на болницата. Се надевам дека со буџетот кој е обезбеден за 2025-та година, директорот со неговиот тим ќе се покаже како еден од поуспешните директори, рече министерот за здравство Арбен Таравари.
Во подобрување на условите за пациентите и вработените се вложени околу 4,5 милиони денари. Сега како поголем проблем на одделот за физикална терапија е недостиг на лекари специјалисти.
- Пациенти има многу, а една е докторка физијатар и сама тешко постигнува да ги исполни обврските. Среден медицински персонал имаме доволно, но потребни ни се еден или двајца специјалисти, рече Арѓент Муча, директор на општата болница.
Муча потенцира дека овој оддел не бил обновен повеќе од триесет години, а сега има и современи апарати за третман на пациентите. Во меѓувреме за потребите на болницата набавени се нов гинеколошки стол и опрема за лапароскопски операции.
Директорот Муча во оваа прилика истакна дека во тек се реновирања на делови интерното одделение, а наскоро треба да се почне во одделот гинекологија, офталмологија и радиологија. згм/цр
фото: МИА