Почна дводневната празнична програма во Берово
- Во организација на Здружението на угостители и туристички работници Малешевски еснафи Берово, преку Неформалнотo тело „Колеџ на заедницата“, со поддршка од Општина Берово денеска во Берово почна дводневната празнична програма по повод новогодишните празници.
Берово, 27 декември 2024 (МИА) - Во организација на Здружението на угостители и туристички работници Малешевски еснафи Берово, преку Неформалнотo тело „Колеџ на заедницата“, со поддршка од Општина Берово денеска во Берово почна дводневната празнична програма по повод новогодишните празници.
Настанот почна со новогодишен базар и концерт кои се одржаа на Градскиот плоштад „Димитар Беровски“.
-Во рамкки на Новогодишниот базар имавме многу забава за сите, за љубителите на празнична атмосфера, производителите на локални производи и сите кои сакаат многу забава и изненадувања. По отворањето на базарот тука беше артистот за деца Дарко Ѓурчиновски кој ги забавуваше најмладите посетители, а забавата кулминираше со пристигнувањето на Дедо Мраз кој подели новогодишни пакетчиња за сите дечиња, информираа од Општина Берово.
Настанот, како што додадоа, продолжува утре со повеќе предвидени музички содржини меѓу кои и новогодишен концерт.
-Настанот продолжува утре, 28 декември во 15:00 часот со настап на учениците од Узун под менторство на Жаклина Узунова. Потоа е предвиден и новогодишен концерт „Вечер на музика и добра енергија“. Концертот е закажан со почеток во 19:00 часот, а во Бизнис инкубатор ќе настапат предгрупата „Трета смена“ и изведувачот Павле Камиловски, додадоа од Општина Берово.
За време на дводневната програма на плоштадот „Димитар Беровски“ се поставени штандови со греани пијалоци, локални млечни производи и сирења, рачно произведени локални производи и други празнични изненадувања. Дополнително, на плоштадот се поставени уреди за затоплување, со цел да се чувствува топла и удобна атмосфера за сите посетители.
Новогодишниот базар и концерт, како што подвлекоа од Општината, претставуваат иницијатива на Драгана Брашнарски, Александар Брашнарски и Игор Димовски, инспирирани од желбата да внесат нова енергија и забава во градот. Целта на идејата е креирање на настан кој ќе ја зближи заедницата, ќе ги изнесе луѓето од своите домови и ќе привлече посетители од соседните општини.
Настанот е поддржан од Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД), Фондацијата за развој на локалната заедница - Штип, Општина Берово, Здружение на угостители Малешевски еснафи и Совет на Општина Берово. вс/мд/
Фото: МИА