Потпишан Меморандум за разбирање со ОАЕ за размена на искуства во областа на развојот и модернизација на Владата
- На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати.
- Post By Блаже Дарудов
- 19:01, 3 shkurt, 2026
Скопје, 3 февруари 2026 (МИА) - Меморандум за разбирање е потпишан меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизација на Владата, при денешната билатерална средба во Дубаи на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан.
Како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување.

- Потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги, потенцираа од Министерството.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати.

- Воедно беше направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што беа разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент беше ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји, се додава во соопштението на Министерството.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи. Тоа. како што се истакнува во соопштението, ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу земјава и ОАЕ. бд/нд/
Фото: Министерство за надворешни работи и надворешна трговија