• e enjte, 09 janar 2025

Поранешниот грчки премиер Костас Симитис испратен до неговото вечно почивалиште (Фото)

Поранешниот грчки премиер Костас Симитис испратен до неговото вечно почивалиште (Фото)

Атина, 9 јануари 2025 (МИА) – Во присуство на претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, кипарскиот претседател Никос Христодулидис, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, лидерот на ПАСОК Никос Андрулакис, членови на Владата, пратеници од Парламентот, семејството и пријателите, во Соборниот храм во Атина се одржа литургија и комеморација во чест на поранешниот премер на Грција Костас Симитис, кој почина во неделата на 88-годишна возраст, јави дописничката на МИА од Атина.

По комеморацијата, Симитис беше испратен до неговото вечно почивалиште, а поворката пеш од Соборниот храм се упати до гробиштата, застанувајќи пред грчкиот Парламент, неговиот втор дом, како што коментираат медиумите во Грција и каде што му беше оддадена почит, со оглед на тоа што речиси 24 години беше пратеник.

Со одлука на семејството, посмртните останки не беа изложени во Соборниот храм за да можат граѓаните да се простат од поранешниот премиер, како што доста често е пракса во Грција, меѓутоа сепак, пред објектот беа насобрани граѓани, пред сè симпатизери и поддржувачи на ПАСОК, партијата чиј претседател беше Симитис.

Меѓу насобраните граѓани имаше знамиња на ПАСОК, но и повозрасен маж со плакат на кој пишуваше „Кипар ти се заблагодарува, Слобода за нашиот Кипар“, веројатно поради тоа што за време на владиниот мандат на Симитис, Република Кипар стана членка на Европската Унија.

За животот и делото на поранешниот премиер говореа претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, лидерот на ПАСОК Никос Андрулакис, како и блиски пријатели на Симитис, кој беше погребан со почести како премиер на функција.

Поранешниот премиер на Грција и поранешен лидер на ПАСОК, ненадејно почина во неделата наутро на 88-годишна возраст, а со одлука на Владата во Грција беше прогласена четиридневна национална жалост.

Симитис беше премиер во периодот од јануари 1996 до март 2004, меѓу најважните успеси во неговиот мандат е членството на Грција во еврозоната, додека неговиот осумгодишен премиерски мандат беше поврзан и со големите инфраструктурни проекти за подготовка на Олимписките игри и интеграцијата на Кипар во Европската унија.

На крајот од октомври 2000 година како премиер на Грција го посети Скопје за време на Конференцијата на балканските земји и се сретна со тогашниот македонски премиер Љубчо Георгиевски, а според натписите во медиумите од тој период, претседателите на двете Влади, тогаш интензивно разговарале за постигнување решение за името, додека „Република Горна Македонија“, бил предлогот што бил на маса.

Како поранешен премиер често ја истакнуваше потребата за изнаоѓање решение на спорот меѓу двете земји, меѓутоа за Договорот од Преспа, при еден од неговите говори во Солун рече дека „проблемот требаше да се реши, но решението не е задоволително“.

Симитис во Грција се сметаше за умерен и политичар и е меѓу најважните премиери на земјата.

Во неговата политичка кариера, пред да стане премиер, беше министер за финансии, за трговија, за образование, за индустрија и енергија, додека пак речиси 24 години (од 1985 до 2009) беше пратеник во грчкиот Парламент. ср/ссм/

Фото: МИА

QËNDRONI TË LIDHUR