Повик за донација на книги во рамките на иницијативата „Сподели Авторка“ во „Лабораториум“
- Здружението за еднакви можности „Мрежа Стела“ денеска, во 12:00 часот, во „Лабораториум“ организира настан за донација на книги во рамките на иницијативата „Сподели Авторка“.
Скопје, 23 ноември 2024 (МИА) – Здружението за еднакви можности „Мрежа Стела“ денеска напладне во „Лабораториум“ организира настан за донација на книги во рамките на иницијативата „Сподели Авторка“. Целта на иницијативата, која започна пред три години, е промовирање на женското литературно творештво и достапноста до феминистичката литература во јавните библиотеки.
- Но, „Сподели авторка“ е многу повеќе од ширење и поддржување на женското писмо во локалните библиотеки. Идејата е креирањето на солидарни мрежи, запознавање на младите со локалните библиотеки, имено и зачувување на истите како јавни простори. Досега имаме донирано над 3.500 книги низ цела Македонија, со фокус на помалите места и јавните простори во Делчево, Кочани, Кичево, Струга, Тетово и многу други места, велат од Здружението за еднакви можности „Мрежа Стела“.
Организаторите ги повикуваат заинтересираните, во „Лабораториум“ да донираат книга од авторка, феминистичка и еманципаторска литература, а собраните книги ќе бидат однесени во јавните библиотеки, младинските центри или училиштата низ државава. ир/лв/
Фото: „Мрежа Стела“