Градскиот музеј Крива Паланка изложи и откупи цртежи од Петар Намичев што го отсликуваат староградскиот живот на градот
- Во Градскиот музеј Крива Паланка поставени се дваесетина цртежи со стара кривопаланечка архитектура, дела на Петар Намичев, единствениот архитект кој остава трајно сведоштво за вредното кривопаланечко градителство од 19 и почетокот на 20 век.
Крива Паланка, 23 ноември 2024 ( МИА) - Во Градскиот музеј Крива Паланка поставени се дваесетина цртежи со стара кривопаланечка архитектура, дела на Петар Намичев, единствениот архитект кој остава трајно сведоштво за вредното кривопаланечко градителство од 19 и почетокот на 20 век.
Станува збор за 20-тина цртежи од повеќевековното творештво на традиционалните кривопаланечки градители.
- Она што го правиме е една мала изложба на делата од архитектот Петар Намичев што беа дел од една поголема изложба овде во Градскиот музеј, но сега благодарение на еден мал проект од Министерството за култура успеавме да откупиме десет дела од староградскиот опус. И идната година ќе биде откупен и преостанатиот дел од делата што се однесуваат на градскиот живот на Крива Паланка, така што оваа збирка од Намичев ќе биде дел од музејската збирка што трајно ќе сведочи за богатата градителска слика во градот што се повеќе исчезнува, рече директорот на Градскиот музеј Крива Паланка, Драган Величковски на отворањето на изложбата.
Цртежите на Намичев, плод на дваесетгодишно истражување, ја чуваат автентичноста на народното живеење и историското јадро на кривопаланечката архитектура.
Изложбата е дел од манифестацијата „Крива Паланка - Град на културата за 2024". ид/бак/
Фото: Градски музеј Крива Паланка