• e premte, 10 janar 2025

Келог: Трамп нема да му попушти на Путин

Келог: Трамп нема да му попушти на Путин

Вашингтон, 9 јануари 2024 (МИА) - Доналд Трамп нема намера да прави отстапки кон Кремљ и целта му е да ја заштити Украина, изјави синоќа пензионираниот генерал Кит Келог, номиниран да биде специјален претставник за Украина во новата администрација на Трамп.

-Тој всушност се обидува да ја спаси Украина и нејзиниот суверенитет и сака да се погрижи тоа да биде праведно и чесно, и за тоа има изјавено повеќепати, изјави  Келог синоќа за телевизијата „Фокс њус“, коментирајќи ги изјавите на Трамп на неговиот брифинг одржан на 7 јануари.

Келог нагласи дека не сака да зборува во име на Трамп бидејќи избраниот претседател ги изразува своите позиции самостојно. Тој истакна дека тимот на Трамп ќе има поголеми можности за делување по инаугурацијата, откако официјално ќе ја преземе функцијата.

Според Келог, Трамп во блиска иднина може да понуди прифатливо решение за крај на војната. Специјалниот претставник смета дека тоа би можело да се направи во рок од 100 дена.

На втората прес-конференција по изборите, Трамп меѓу другото го критикуваше актуелниот претседател на САД, Џо Бајден, за неговата политика кон Украина. Според избраниот претседател, Белата куќа под водство на Бајден направила многу грешки во преговорите за можниот влез на Киев во НАТО. Трамп смета дека администрацијата на Бајден можеби го испровоцирала нападот на Русија врз Украина.

Келог исто така смета дека е голема грешка тоа што Бајден одбива да стапи во дијалог со рускиот претседател Владимир Путин. кб/сд/

 

QËNDRONI TË LIDHUR