• e martë, 07 janar 2025

За градежниот сектор 2024. во тешки услови, во 2025. клучно е да има ангажман на домашната оператива

За градежниот сектор 2024. во тешки услови, во 2025. клучно е да има ангажман на домашната оператива

Скопје, 5 јануари 2024 (МИА) - Стопанствениците од градежниот сектор на стартот на новата година оценуваат дека по долго време конечно се создаваат услови за поголем ангажман на домашната градежна оператива. Порачуваат дека клучно за градежниот сектор е домашните компании да заземат примарна улога при изградба на домашен терен и да ги искористат своите потенцијали. Позитивните сигнали за раст, според нив, се веќе присутни, но важно е да се задржат политичката и економската стабилност за да се овозможи реализација на инфраструктурните проекти.

Во годината што измина работеа во исклучително тешки усови, потпирајќи се исклучиво на своите знаења и капацитети, со дополнителни проблеми од очекуваните поради поклопувањето на изборите со периодот кога треба да имаат најмногу работа. Исто така и маргинализирани на сметка на странските компании, во услови кога нема  јавни набавки долг период. Како единствена светла точка ја наведуваат високоградбата и прогнозираат дека во 2025 година ќе има позитивен тренд на изедначување на понудата и побарувачката на недвижностите, особено во општините кои имаат голема трансакциска активност, што ќе доведе до извесно нормализирање и стабилизирање на продажните цени. 

Андреја Серафимовски, претседател на Здружението на градежништво, индустрија на
градежни материјали и неметали при Стопанската комора на Северна Македонија, во изјава за МИА оценува дека крајот на 2024 година за градежниот сектор значи завршување на една од најтешките и најнеизвесните години во која градежниците, потпирајќи се исклучиво на сопствените знаења, умеења и капацитети, успееја да опстанат.

Стопанската комора на Македонија денеска ќе одржи онлајн прес-конференција за еврокодовите како услов за поконкурентно македонско градежништво на европските пазари. 

- Изборната година, па така и оваа, секогаш носи неизвесности, со особена тежина на фактот дека токму оваа изборна година термински се поклопи со најинтензивниот годишен период за работа на градежниците, што доведе до уште поголеми проблеми од очекуваните. Слабото администрирање на процесите, нерешавањето на тековните проблеми од надлежните институции, слабата правна регулатива, која се провлекува и е повеќегодишна причина за големиот број проблеми со кои оперативно се соочуваат градежните компании, недостигот од работна сила, како и многу други проблеми и оваа година беа одлика во работењето на многуте чинители кои ги обединува секторот градежништво. Кога на сето ова ќе се надополни и фактот дека домашните градежни компании се маргинализирани на сметка на странските компании, особено во изминативе седум години, како и нераспишувањето нови јавни набавки, можеме да заклучиме дека условите во кои работеа градежните компании и работниците беа исклучително тешки, вели Серафимовски.

Во согласност со најавите од претставниците на државните институции за 2025 година, посочува оти несомнено е дека очекувањата кај градежниците се големи. Владее голем оптимизам и надеж дека по долгогодишен период на стагнација, градежништвото ќе го заземе местото кое го заслужува и дека повторно ќе биде ротор на економијата.

- Најавите дека ќе има поголема ангажираност на домашната оператива, проследени со најавата за голем инвестициски циклус во локалните самоуправи, кој е веќе започнат со реализација на терен, отвора можности за градење капацитети и за потенцијален раст на секторот, укажува Серафимовски.

Градежништвото со умерен раст, учеството во БДП 5,5 проценти

Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека растот на градежната активност бил многу умерен и дека учеството на градежниот сектор во БДП останало релативно стабилно, а тоа во последните неколку години изнесувало 5,5 проценти во просек, што е далеку во споредба со 2013 година кога го достигна максимумот од 7,1 процент.

Серафимовски вели дека нивните напори водат токму во таа насока – да се врати секторот повторно на шините, со оглед на тоа дека потенцијалот и капацитетот на компаниите од оваа гранка може да ветат и да исполнат сериозна самостојна реализација на големи капитални проекти.

Осврнувајќи се на тоа што ја одбележа работата во високоградбата и нискоградбата, Серафимовски вели дека единствената светла точка во 2024 година во градежништвото е зголемувањето на обемот во реализацијата на објекти во високоградбата во општините кои традиционално имаат голема трансакциска активност, како и големата побарувачка на станбено-деловен простор. Полека, но сигурно, посочува, во овие општини почнува да се зголемува понудата, а тоа, како што истакнува, е најважно за стабилизација и за нормализирање на продажната цена. Радува и фактот што сѐ повеќе почнува да се гради во внатрешноста на државата, па така, сега има голема градежна активност во Гостивар, Тетово, Битола, но и во многу други градови.

- Сепак, административните проблеми со кои се соочуваат компаниите при подготовка на реализацијата на проектите остануваат непроменети, па поради тоа голема е потребата од правно регулирање на процесите, што вклучува и подобрување на Законот за градба, но и на подзаконските акти и правилници за работа. Можеме да констатираме дека при реализација на капитални проекти лошото и бавно администрирање сѐ уште се ненадминлив проблем. Лошата правна регулатива и проблемот со недостигот од работна сила се, исто така, проблеми кои придонесуваат за бавна реализација и за неисполнување на зацртаните цели, посочува Серафимовски.

Со поглед на 2025 година, истакнува дека проекциите за капиталните инвестиции се оптимистички.

- По долго време конечно се создаваат услови за поголем ангажман на домашната градежна оператива. Изјавите од Владата дека домашните компании ќе имаат примарна улога во капиталните инвестиции се важна и позитивна вест. Клучно за секој сектор е домашните компании да заземат примарна улога при изградба на домашен терен и да ги искористат своите потенцијали. Овој тренд на ангажман на домашната оператива може да донесе не само економски придобивки, туку и да ги зголеми вештините и капацитетите на локалната работна сила. Проектите кои се најавуваат како големи инфраструктурни зафати се во насока на задоволување на долговечните потреби на државата. Позитивни сигнали за раст се веќе присутни, но важно е да се задржат политичката и економската стабилност за да се овозможи нивна реализација, оценува Серафимовски.

Платите на градежните работници од 30.000 до 35.000 денари, на секторот му фалат 12 000 работници

Од Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање при Сојузот на синдикатите на Македонија, пак, порачуваат да се решат клучните проблеми со ниските плати во секторот, како и потребата да се овозможи работа првенствено на домашните компании. 

Износот на платите од 30.00 до 35.000 денари го намали бројот на градежни работници кој првпат е под 50.000.

- Ставот на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање, во врска со градежните работници е дека  треба да се подобрат условите за работа, а многу повеќе да се подобрат платите,  доколку сакаме да ги задржиме и тие работници што се останати, имајќи во предвид дека во последните неколку години бројот на градежни работници падна под 50 000, што е првпат во историјата. Тоа значи дека веќе ни фалат над 12 000 работици во секторот поради лошите услови за работа и ниските плати, ја напуштија Македонија и отидоа и во високоразвиените европскозападни земји но и  во регионот, каде има далеку повисоки и минимални и просечни плати, вели во изјава за МИА Иван Пешевски, претседател на СГИП. 

Причина е и тоа што немаат бенифициран стаж иако такво барање има 12 години.

- Нашето барање како  синдикат за бенифициран  стаж датира во системот и во институциите уште во далечната 2012 година и тоа  е уште еден повод и причина луѓето да се откажуваат од овие занаети и да бараат полесна  а поисплатлива работа бидејќи  навистина изложеноста на надворешни влијанија и на високиот степен на ризик на  многу работни места бара личните примања да бидат многу поголем  од тој што е статистички во државава. Тоа се плати помеѓу 30.000 и  35.000 денари што се далеку од доволни да задржиме еден градежен работник како во високоградбата така и во нискоградата, вели Пешевски. 

Генерално, како што појаснува, проблемот со ниските плати направи голем одлив на кадрите не само во градежниот сектор, но  овие луѓе најмногу го осетија тоа бидејќи голем дел од нив се ангажирани на црно, голем дел земаат и плата во плико за кои статистички не знаеме колку изнесуваат, но она што го знаеме официјално од нашите членки  е дека навистина повеќе за тие плати нема да работат. 

Според Пешевски, состојбата ќе биде полоша доколку домашните компании не бидат ангажирани во најавените инфраструктурни проекти од Владата.

- Оваа  Влада ветуваше нов градежен бум, се надевам  дека ќе има нови  инфраструктурни објекти што ќе треба да ги градат, меѓутоа ако  не ги градат нашите компании и повторно работата ако се даде  на странските, верувајте дека состојбата само ќе биде многу полоша. Нашиот апел кон претставниците на власта е да обезбедат работа и да ги задоволат првин капацитетите на  домашните компании а потоа доколку навистина има потреба  да се ангажираат и странски компании и работници. Нашите статистики покажуваат дека нашите компании се гасат поради делот од колачот што оди  во странските компании наместо во домашните, изјави претседателот на СГИП.

Очекувања за стабилизирање на цените на недвижностите  

Во 2024 година продолжи да доминира работата во високоградбата, но и растот на цените на недвижностите, што, како што укажува Серафимовски, не било неочекувано согласно процесите што се одвивале оперативно на терен. Поради високата побарувачка и ограничената понуда, цените на недвижностите имаа нагорен тренд, но според него, на крајот на годината се очекува стабилизирање на истиот тренд.

Во иднина може да се очекува да продолжи трендот на зголемување на побарувачката за недвижности во руралните средини и викенд места, додека во градските средини да се одржи нивото на побарува

- За 2025 година прогнозите сугерираат дека ќе има позитивен тренд на изедначување на понудата и побарувачката, особено во општините кои имаат голема трансакциска активност, што ќе доведе до извесно нормализирање и стабилизирање на продажните цени. Клучни фактори што ќе влијаат врз формирањето на цените ќе бидат стабилноста на макроекономските услови, односот соодносот понуда–побарувачка, како и платежната можност на населението, вели Серафимовски во изјавата за МИА.

Според последните податоци на Народната банка, цените на становите и останатите недвижнини во третиот квартал од годинава се зголемени за 8 проценти на годишно ниво, откако во вториот квартал се зголемија за 11,5 проценти,  а во првиот  за 4,7 проценти на годишно ниво. Во првиот квартал беше регистрирано прво минимално квартално намалување по подолг период, од 0,8 проценти, откако последен пат имаше пад од еден процент во третиот квартал од 2020 година. 

Состојбата на пазарот на недвижности рефлектирана во Регистарот на цени и закупнини, покажува дека во периодот јули - септември годинава имало 7.491 трансакција, од кои 5.525 купопродажби на недвижности и 1.966 закупи на недвижен имот.

Бројот на купопродажби регистрирани во Регистарот во третиот квартал годинава во однос на истиот квартал лани е незначително намален, додека бројот на закупи е намален за пет проценти.

Регистрираните купопродажби се во вредност од 237 милиони евра,  при што 2.115 се на станови, во вредност од 128 милиони евра, 644 на куќи ( 40 милиони евра), 189 деловни простории (25 милиони евра). Исто така и 1 651 купопродажба на земјоделско земјиште, 15 милиони евра, 630 на градежно земјиште, 18 милиони евра, 178 гаражи, во вкупна вредност од два милиона евра, покажуваат податоците на Агенцијата за катастар на недвижности.

Кај продажбите на станови во третиот квартал има зголемување во однос на вториот, кога имало 1697 во вредност од 102 милиони евра.  Во третиот квартал од 2024 година најмногу купопродажби се регистрирани во септември, вкупно 1.923, додека во август се регистрирани најмалку купопродажби, 1.748.

Според Регистарот на АКН, во третиот квартал најмногу закупи се регистрирани во септември, 737, додека во август се регистрирани најмалку, 581. Регистрирани се 743 закупи на стан,  689 на државни парцели, 259 на куќи, 174 на земјоделско земјиште, 46 на индустриски објекти, 28 на градежно земјиште, 17 закупи на гаражи...  Регистрираните закупи се во вредност од 797 илјади евра.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во октомври  2024 година се издадени 363 одобренија за градење, што е за 11.7 проценти повеќе во однос на истиот месец од претходната година. Предвидената вредност на објектите изнесува 8 469 616 000 денари, за 12.3 проценти повеќе во однос на истиот месец од претходната година.

Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 216 (59,5 проценти) се наменети за објекти од високоградба, 75 (20,7 проценти) од нискоградба и 72 (19,8 проценти) за објекти за реконструкција. На 223 објекти инвеститори се физички лица, а на 140 деловни субјекти. Предвидена е изградба на 913 станови. 

Во септември 2024, пак, се издадени 296 одобренија за градење, за 9.2 проценти помалку во однос на истиот месец од претходната година.  Од вкупниот број одобренија за градење, 146 (49,3  проценти) се за објекти од високоградба и предвидена е изградба на 755 станови. 

Лидија Велковска 

фото: МИА архива 

 

 

 

QËNDRONI TË LIDHUR