Американскиот функционер Ричард Верма ја започнува балканската турнеја во Тирана
- Американскиот заменик државен секретар за управување и ресурси Ричард Верма по средбата со албанскиот премиер Еди Рама оцени дека силното американско партнерство обезбедува напредок на Албанија кон Европската унија (ЕУ).
- Post By Марија Спасовска
- 11:47, 9 janar, 2025
Тирана, 9 јануари 2025 (МИА) - Американскиот заменик државен секретар за управување и ресурси Ричард Верма по средбата со албанскиот премиер Еди Рама оцени дека силното американско партнерство обезбедува напредок на Албанија кон Европската унија (ЕУ).
-Задоволен сум што се сретнав со премиерот Еди Рама во Тирана за да му се заблагодарам за неговото гостопримство кон Авганистанците и неговата поддршка за Украина. Се согласивме дека интеграцијата во ЕУ е клучна за иднината на Албанија. Нашето силно партнерство обезбедува напредок на Албанија кон полноправно членство во ЕУ, објави Верма на мрежата „Х“.
Верма вчера пристигна во Тирана, прва станица на балканската турнеја во која до 11 јануари ќе ги посети Приштина и Белград.
Според најавите на Стејт департментот, Верма е во Тирана за да разговара за демократскиот напредок на Албанија, одбранбените способности и продлабочувањето на економските врски со САД.
Во Косово ќе разговараат за нормализација на односите на Косово со Србија преку дијалог со посредство на ЕУ, зајакнување на владеењето и владеењето на правото и поттикнување на економскиот раст и енергетската безбедност.
Верма во Белград ќе го нагласи растечкото стратешко партнерство меѓу САД и Србија за енергетски и други економски прашања и ќе ја поддржи интеграцијата на Србија во европските институции, нормализацијата на односите со Косово, зајакнувањето на владеењето на правото, како и поблиската билатерална соработка на воена и безбедносни прашања.
Пред посетата на регионот, Верма разговараше во Вашингтон со специјалниот пратеник на ЕУ во заминување за преговорите Белград-Приштина, Мирослав Лајчак, кој, како што е соопштено на „Х“, „го информираше за регионалните случувања и Дијалогот, нагласувајќи ја важноста од блиската соработка во Западен Балкан“. мс/
фото: Википедија