• e martë, 24 shkurt 2026

Амбасадорот на Швајцарија Кристоф Зомер во посета на Општина Кочани

Амбасадорот на Швајцарија Кристоф Зомер во посета на Општина Кочани

Кочани, 23 февруари 2026 (МИА) -  Делегација од Амбасадата на Швајцарија, предводена од амбасадорот Кристоф Зомер денеска ја посети Општина Кочани, каде што оствари средба со  градоначалникот Владко Грозданов.

На средбата, како што соопштија од локалната самоуправа, беа разменети мислења за справувањето со последиците од трагедијата во „Пулс“, при што акцент беше ставен на преземените активности и научените лекции од изминатиот период. Во разговорот беше посочена и сличноста со несреќата што се случи во Кран-Монтана, Швајцарија, за што биле споделени искуства и практики.

Средбата ја потврди подготвеноста за продлабочување на соработката и продолжување на заедничките напори за одржлив развој и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Притоа беше истакнат проектот „Отпорни и ефикасни комунални претпријатија во Северна Македонија“, кој се реализира во партнерство со Министерство за животна средина и просторно планирање и Владата на Швајцарската Конфедерација, застапувана од Државниот секретаријат за економски прашања (SECO). Преку овој проект, Владата на Швајцарија обезбедува значајна поддршка за унапредување на КЈП „Водовод“, за зајакнување на капацитетите на локалното претпријатие во Кочани.

Дополнително, како дел од Заштитениот предел Осоговски Планини, Кочани ќе биде вклучено и во активностите од Програмата за биолошка разновидност и отпорност на екосистемите,што ќе се реализира со поддршка од Швајцарската влада. ис/вг/

фото: Општина Кочани

QËNDRONI TË LIDHUR