Собраниска делегација на регионален семинар за парламентите на Западен Балкан
- Претставниците на Собранието имаа активно учество во интерактивната дебата во текот на сите сесии на семинарот, со конкретни ставови, споделувајќи национални искуства и придонесувајќи конструктивно кон регионалниот дијалог за предизвиците на климатската политика и зелената транзиција, информира собраниската прес-служба.
Скопје, 24 февруари 2026 (МИА) - Делегација на македонското Собрание, составена од пратениците Дафина Стојаноска, Саранда Имери-Стафаи и Димитар Ковачевски, учествува на регионален семинар за парламентите на Западен Балкан, кој се одржува во Подгорица.
Семинарот, организиран од Меѓупарламентарната унија (IPU) и парламентот на Црна Гора, е посветен на клучните прашања поврзани со климатските промени и зелената транзиција во регионот. Учествуваат и делегации од Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија, како и европратеникот Томас Вајц (преку видеоврска), претставници од извршната власт на Црна Гора, академици и меѓунaродни и регионални организации.
- Семинарот беше отворен од страна на претседателот на парламентот на Црна Гора, Андрија Мандиќ. На присутните им се обратија и Дејан Дуровиќ, претседател на Комисијата за туризам, земјоделство, екологија и просторно планирање, Бобан Станишиќ, генерален секретар на парламентот на Црна Гора, и Мартин Чунгонг, генерален секретар на ИПУ, кој се обрати преку видеоврска. Работата на семинарот се одвиваше во сесии, со презентации и во интерактивна форма. Претставниците на Собранието имаа активно учество во интерактивната дебата во текот на сите сесии на семинарот, со конкретни ставови, споделувајќи национални искуства и придонесувајќи конструктивно кон регионалниот дијалог за предизвиците на климатската политика и зелената транзиција - информира собраниската прес-служба.

Првата сесија била посветена на тековните и на проектираните влијанија на климатските промени врз Западен Балкан, со посебен акцент на економските, социјалните и еколошките ризици. Разгледани биле конкретните последици врз земјоделството, управувањето со водите и инфраструктурата, како и улогата на парламентите во зајакнување на отпорноста и адаптацијата.
Втората сесија, пак, била насочена кон зајакнување на капацитетот на пратениците ефективно да комуницираат со граѓаните за климатски предизвици и последици. Дискутирано било како да им се спротивстават на дезинформациите и за начините за вклучување на граѓаните и на засегнатите страни во конструктивни дијалози за климатска акција.
Исто така, презентирани биле стратегии за јасна комуникација до разни публики, градење на јавната доверба и адресирање на загриженоста, поврзани со економијата, работните места и цената на енергијата.
Третата сесија ги истражувала начините на кои декарбонизацијата и климатската акција во Западен Балкан може да промовираат и поддржат економски и одржлив развој, како и да ја зајакнат регионалната и пазарната интеграција со ЕУ.
- Истакната беше стратешката улога на парламентите во усогласувањето на националното законодавство со рамките на ЕУ и глобалните климатски рамки, како и во надзорот на процесот за праведна и зелена транзиција. Семинарот претставува важна платформа за размена на искуства, стручна комуникација и регионална соработка меѓу парламентите на Западен Балкан во областа на климатската политика и зелената транзиција - се вели во соопштението. лв/паг/
Фото: Собрание