• четврток, 26 декември 2024

Заврши расправата по измените на Законот за урбанистичко планирање, ќе се гласа дополнително

Заврши расправата по измените на Законот за урбанистичко планирање,  ќе се гласа дополнително

Скопје, 19 мај 2023 (МИА) - Во Собранието денеска заврши расправата за предложените измени на Законот за урбанистичко планирање по скратена постапка, кој е дел од пакетот закони за изградба на коридорите 8 и 10 д. За предлог законот ќе се гласа дополнително. 

Во текот на дебата од опозицијата  уште еднаш обвинија дека е злоупотребено европското знаменце, дека Договорот за „Бехтел и Енка“ е склучен врз непостоечки закони, дека со него и со остaнатите закони се руши целокупниот систем на планско планирање и градење во државата, и дека се отвара врата за корупцијата.

Од владејачкото мнозинство пак, реплицираа дека опозицијата ја замајува јавноста со манипулации, и дека измените што се прават на законот не се однесуваат само на еден проект, туку за сите државни патишта, железнички пруги и магистрални гасоводи кои ќе ќе се градат во државата во идниот период. Со нив, како што велат, проектите од јавен и стратешки итерес ќе може да се релизираат по постапка која ќе биде забрзана, а ќе се овозможи побрз развој на економијата и отворање нови работни места.

Игор Здравковски од ВМРО-ДПМНЕ, меѓу другото праша како може проценката која е направена во 2018, дека овие коридори ќе чинат 600 милиони евра, сега пораснала на 1,6 милијарди евра. Тој посочи дека во овој закон за урбанистичко планирање се прикриени и оние закони кои беа повлечени за шумите, земјоделското земјиште и културното наследство.

-Начинот на кој Благој Бочварски и Артан Груби сакаат да го протуркаат овој закон беше со наоѓањето на врвни експерти од делот на урбанизмот кој се нафатија да се потпишат на некој закон со кој се суспендира целата постапка за изградба или се суспендира она што важи законска регулатива за сите останати субјекти во Република Македонија, рече Здравковски.

Според него, злоупотребата на европското знаменце е нотирано многу пати од страна на европската комисија и власта не смееше ни да помисли да го направи тоа со европското знаменце.

-Од комората на овластени инженери и архитекти даваат препорака дека со кратењето на постапки истите стануваат нетранспарентни, а со преиначувањето на постапките се нарушува професионалниот пристап во планерскиот и инженерскиот дел, рече Здравковски.

Пратеничката Марија Герогиевска од СДСМ во репликата до Здравковски истакна дека измените на законите се направени единствено за ажурирање на детектираните точки кои во изминатиот период оневозможувале работите да се движат побрзо, и ништо друго, а се останато, рече таа, се шпекулации.

Во однос на обвинувањата на сметка на министерот Бочварски, Георгиевска укажа дека Европската федерација за патишта во патната статистика од 2016 година која се потпира врз податоци на Евростат ја рангирала земјава во најслабо рангирани држави според потрошени средства за патна инфраструктура. За да се намали ваквата слабост Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и тогашната коалиција, според неа, по низа неуспешни огласи за изградба на автопати од предвидени седум, се свеле на два автопата и „на тоа што се склучувало со договорите со кинеските фирми“. 

-Кога сакате да напаѓате извадете ги сите информации за да може да се направи споредба. Едно нешто ќе се согласам со вас- дали требало тогаш подобро - да, дали може сега уште подобро - да и нема ништо спорно. Целта на ова и начинот на коешто сега го поминуваме во Собранието е да се отклонат оние пречки коишто правеле застој и ништо друго. Се друго останато е шпекулации, рече Георгиевска. 

Ели Панова од ВМРО-ДПМНЕ рече дека еден километар изграден во земјава ќе чини дупло од државите во соседство што е апсурд кој што не може да оправда никакво постапување ниту пак ќе го оправда европското знаменмце, проект за кој вели, ќе бидат задолжените и нашите внуци и правнуци.

Таа додаде дека откако сфатија дека губат на секое поле, „Артанци решија да ја изиграат последната рунда на рулетот како коцкар кој е свесен дека ја изгубил платата, решавал да ги вложи куќата, жената и децата само да се спаси, бидејќи смета дека парите се се во животот и мора да се спаси.

-Вака оваа Влада ја вложи правната држава, работниците, шумите, националните антички богатства, ископнините, суровините, минералите. Плус, над две милијарди со надеж дека ќе стават пари во џеб, па ќе ги поткупуваат граѓаните бидејќи набргу доаѓаат избори. Ќе си ги платат кампањите, ќе купуваат пратеници, ќе праќаат социјални пакети на социјални случаи, ќе плаќаат коалиции, мислејќи дека можеби така ќе се спасат, рече Панова.

Таа додаде дека, најпрво се сокрија зад пратениците од власта, кои се потпишаа на предлог закони без да знаат што потпишуваат, а сега се кријат зад европското знаменце и зад потписи без име и презиме, на кореспондентни табели.

-Но, се излажале. Ја потценуваат интелигенцијата на македонскиот народ и париве од надзорот од фирма со  еден човек ќе ги потрошат само на скапи адвокати, бидејќи постојат конкретни членови кои што веќе ги имаат прекршено од Кривичниот законик. Црвените елечиња нема да спасат никого, ниту пак ќе ве спасат бедните оправдувања, ниту европските знаменца. Нема да ве спасат особено од судот на народот, кој што шест години веќе, немате капацитет да сфатите дека живее во беда и сиромаштија, истакна Панова.

Законите постојат за да ги заштитат граѓаните, но овие закони кои сега се во собраниска процедура, се, вели таа, за да ги заштитат челниците на власт и нивните бизнис интереси. 

Во својата реплика до Панова, Даниела Николова од СДСМ посочи дека очекувано е да изнесуваат лаги и манипулации, бидејќи целта им е, секое добро за државата да го претствата како пропаст на државата и оти не им одговара да се реализираат стартешки проекти во времето додека владее СДСМ.

-Кога СДСМ е на власт искажува и реализира државнички политики, а вашата партија гледа само партиски интереси, рече Николова.

Таа при тоа посочи на изјавата дадена во интервју за МИА на американската амбасадорка Агелер дека се неосновани критиките на опозицијата и дека процесот во кој е инволвиран Бехтел е целосно законски и транспарентен. Николова кажа и дека истиот овој закон кој денеска се дополнува, во 2021 година беше оценет како уставен од страна на Уставниот суд 

-Измените што се прават во овој закон за урбанистичко планирање нема да се донесуваат само на овој проект туку понатаму вбакла ќе се реализираат сите значајни проекти за државни патишта железнички пруги, и магистрални гасоводи. Инаку разликата е во роковите за прибирање на потребната документација со што ваквите стратешки проекти ќе можат да се реализираат во еден покус временски рок, рече Николова.

Борис Крмов од Левица посочи дека како партија се заканија дека ќе ги блокираат сите закони од Бехтел и Енка и за таа цел подготвиле 6.664 амандмани, досега ги пуштиле само тие за Законот за работни односни, по што откако власта видела дека се сериозни, останатите закони тие завршиле со европско знаменце. 

-Ние законите значи легално ги блокиравме, таа можност постои во Деловникот и во Собранието. Ако случајно ни се ускратеше тоа право да предлагаме закони и амандмани ние бевме спремни на ескалација во Собранието и очигледно власта тоа го виде. Овие пет закони пред нас, се значи со европско знаменце. За овој закон значи ќе се одговара кривично од службите коишто го спремиле со потписот на министерот иако за претходниот заменик министерот беше потпишан, рече Крмов.  

Во однос на самиот закон, вели тој, апсолутно е јасно дека не се работи за никаков јавен интерес, за никаков стартешки интерес, туку вели, за коруптивен проект на ДУИ.

-СДСМ иако се три пати поголема партија од ДУИ, се ставени во подредена положба, ДУИ ги влече за нос. Ние тоа сите го гледаме и баш затоа СДСМ на наредните избори ќе доживее шок затоа што народ не гласа за  туѓи извршители и измеќари, вели Крмов.

По расправта по оваа точка  потпретседателот на Собранието Горан Мисовски  ја прекина 115-та седница, а продолжението го најави за в понеделник, 22 мај. вг/нд/

 

Остани поврзан