• недела, 24 ноември 2024

„X Фактор Акцелератор“ со нова инвестициска програма за помош на стартап компании

„X Фактор Акцелератор“ со нова инвестициска програма за помош на стартап компании
Скопје, 18 февруари 2021 (МИА) – „X Фактор Акцелератор“ отвори повик за стартап компании на кои ќе им помогне побрзо да дојдат до инвестиции и нови пазари. Станува збор за инвестициска програма на „X Фактор Акцелератор“ со вкупен буџет од 300 илјади евра кои ќе бидат инвестирани во три до пет компании. Рокот за аплицирање е до 15 март, а стартап компаниите треба да ги исполнат следните услови – компанијата да е регистрирана во државава со најмалку 51 процент македонска сопственост, да имаат оформен производ кој е во фаза на пазарна валидација и продажба на први клиенти. -  X Фактор Акцелератор има за цел да направи инвестиција во период од 4-6 месеци од аплицирање во програмата во износ од 30.000 до 100.000 евра по компанија, зависно од фазата на развој. X Фактор Акцелераторот има за цел да стане малцински содружник, со процентуален удел во компанијата кој е предмет на преговори. Претставник на акцелераторот ќе добие место во бордот на директори и континуирано ќе помага во донесување на стратешки одлуки и поврзување на компанијата со потенцијални партнери, клиенти и интернационални инвестициони фондови, информираа денеска од компанијата. Годинава, како што велат, фокусот ќе биде на иновативните решенија. Аплицирањето се врши преку веб страната на „X Фактор Акцелератор“ со испраќање на краток опис на бизнис идејата. Евалуацијата на апликациите ќе се изврши на 15 март, а на 20 март е фазата во која селектираните тимови ќе треба да достават дополнителна документација. На 1 април почнува подготовката на компаниите за инвестиција преку менторство и експертска поддршка. Договорот со најдобрите ќе биде потпишан на 7 април. Она што компаниите ќе го добијат, освен финансии, е и поддршката за вмрежување и зголемување на видливоста на нивните бизниси. Од компанијата посочуваат дека се првиот од трите акцелератори поддржани од ФИТР преку Светска банка, кој во изминатата година реализирал две инвестиции во вкупен износ од 200 илјади евра во стартап тимовите на Матриошка и Vision Dynamix. бак/лв/

Остани поврзан