• сабота, 23 ноември 2024

Односот кон поезијата да се гради стратешки и осмислено, имаме задоволителен квалитет што треба да се поддржи

Односот кон поезијата да се гради стратешки и осмислено, имаме задоволителен квалитет што треба да се поддржи

Скопје, 23 март 2024 (МИА) - Односот кон поезијата треба да се гради стратешки, институционално и осмислено. Во денешното технократско време, поезијата е наша насушна потреба. Тоа не е нешто напишано и наменето само за интелектуалци, туку е производ на духот, наменет за широка потрошувачка. Имаме задоволителен квалитет што треба да биде поддржан, за македонската поезија да биде видлива и на европската поетска мапа.

Како што вели во изјава за МИА, ќерката на Ацо Шопов, Јасмина Шопова, која е потпретседателка на Фондацијата „Ацо Шопов - Поезија“, луѓето сметаат дека поезијата е прашање на елита, но, како што потенцира, поезијата не треба да се разбере, таа треба да допре до публиката.

- Многу луѓе ми рекле „Не се разбирам јас во поезија“. Нема што да се разбираш или да не се разбираш во поезија. Поезијата треба да допре до публиката. Самата поезија која што луѓето понекогаш ја сметаат како нешто затворено, нешто неразбирливо кажува толку многу вистини за нашиот живот. Само кога ќе ни дојде нешто тешко, ќе се присетиме на некој стих. Да речеме, често се присетувам на стиховите на татко ми „Ако носиш нешто неизречено, нешто што те притиска и пече, закопај го во длабока тишина, тишината сама ќе го рече“, вели Шопова.

Авторката Јулијана Величковска смета дека имаме навистина богата и жива поетска сцена, и со оглед на бројот на жители, задоволителен квалитет што треба да биде поддржан. 

-Постои сериозна млада поетска сцена, и тоа не само во Скопје, а за тоа сведочат и посетеноста на поетските фестивали, како што се „Скопскиот поетски фестивал“, „Поетска ноќ во Велестово“, на други поетски читања што самоницијативно ги организираат, како што се „Поетска епизода“ и „Клинци“ во организација на „Култура Бета“ од Скопје, „Орцашка вечер на поезијата“ во организација на учениците од гимназијата „Орце Николов“, но и на други бројни настани низ земјата, како што е „Имам нешто да ти кажам“ што го организира „Културолошка иницијатива 5 до 12“ од Охрид итн. А доказ дека ги читаат своите претходници, класиците на македонската литература, се и бројните песни во кои токму имињата што ги споменавте се цитирани, вели Величковска.

Проф. д-р Кристина Николовска, литературен критичар и поетеса, за МИА вели дека односот кон великаните на македонската поезија треба да се гради. Тоа, како што посочува, е важен процес што треба да биде приоритет на секоја култура.

Таа потенцира дека великаните на современата македонската поезија нé научија како да се раѓаме и прераѓаме во зборот, длабоко ни ја всадија љубовта кон мајчиниот јазик и нé поттикнаа и охрабрија да го развиваме и творечкиот, поетски јазик.

- Во тој домен имаме голем подем, а и во светот сме познати по талентот за стихотворство, зборообразување, но и по врвни велемасторски виртуозности како оние на Тодоровски, Андреевски, Поповски и други, особено во доменот на јазикотворството. Оти јазикот – е процес, а Конески, неслучајно уште во далечната 1948 година вели дека токму писателите се творци на јазикот: „литературниот јазик се создава преку литературата, а литературата ја создаваат писателите што значи дека тие го творат и литературниот јазик“, додава проф. д-р Николовска.

„Денови на поезија“ - манифестација на која се слуша поетскиот збор

По повод Светскиот ден на поезијата - 21 Март, во Скопје Сити Мол до недела е отворен настанот „Денови на поезија“, каде е претставена современата македонска поезија. Организатор на манифестацијата е Фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“, а вклучени се и Сојузот на друштвата за македонски јазик и литература, „ПНВ Публикации“ и „Култура бета“.

Според Јасмина Шопова, настанот е исклучителен во нашето поднебје и пошироко, затоа што еден трговски центар од затворен тип ги отвора вратите на поезијата и ја прави достапна за најшироката публика.

-Пред 80 години е објавена првата збирка на македонски јазик „Песни“ од Ацо Шопов и тоа беше главната мотивација да се направи нешто. Одлучивме да ги претставиме писателите за кои оваа година одбележуваме значајни јубилеи - Кочо Рацин со 85 години од неговата збирка поезија „Бели мугри“ и уште четворица наши класични поети - Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Петре М Андреевски, но и Влада Урошевиќ, кој што годинава ќе го слави својот 90 роденден, појаснува Шопова за МИА.

Во текот на манифестацијата публиката има можност да присуствува на читања од помлади, но и од возрасни поети, како и на дебати, а во програмата се вклучени и студенти, средношколци, дури и ученици од основните училишта, кои учествуваат во натпревари за рицитирање на песни.

Манифестацијата беше збогатена со прикажување на анимираниот омнибус „Небиднина“, неодамна награден за најиновативна техника на престижниот Анимаком Билбао во Шпанија.

Младите автори се идните чувари на јазикот

Величковска за МИА вели дека младите се иднината, идните чувари на јазикот, а повозрасните автори треба да им бидат поволен ветер, да ги поттикнуваат и поддржуваат во оваа работа.

-Младите се иднината, и уште повеќе, тие се идните чувари на јазикот, треба соодветно да ги подготвиме за таа одговорност, давајќи им пример што ќе сакаат да го следат кога тие ќе бидат на позиција да им помогнат на генерациите што следуваат по нив, како што, впрочем, своевремено чинел и Ацо Шопов, чиешто име деновиве го славиме, по повод 80-годишнината од издавањето на „Песни“, првата книга на македонски јазик во слободна Македонија, посочува Величковска.

Таа потсетува дека минатата година од печат излезе „Ново раѓање на зборот: антологија на младата македонска поезија“ приредена од Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски, во која се застапени дури 42 поети родени од 1991 година наваму.

-Младите се тука, читаат и пишуваат, а нам задача ни е да им бидеме поволен ветер, да ги поттикнуваме и да ги поддржиме во оваа благородна работа, што повеќе од сѐ го негува македонскиот јазик. Тие имаат голем потенцијал во себе, а во овие денешни времиња, сосем малку е потребно човек да се обесхрабри и да престане да пишува, вели Величковска за МИА.

Според професорката Николовска, младите покажуваат отворен афинитет кон поезијата, таа е во подем и има творечки потенцијал, кој е важно да биде поддржан. Таа додава дека на младите им треба охрабрување во тој процес, но и повеќе можности: конкурси, иданија, настани, поетски случувања, вклученост во фестивали...

-Поезијата ги привлекува како вечна вредност, но и како актуелен израз на денешницата, адаптиран на времето. Односот кон поезијата треба да се гради стратешки, институционално и осмислено, додава професорката Николовска.

И Шопова е на ставот дека младите луѓе се заинтересирани за поезија.

- Кога минатата година излезе „Ново раѓање на зборот: антологија на младата македонска поезија“ во која се застапени песните на најмладите поети, ме изненади бројот на млади луѓе кои пишуваат поезија. И тука не се застапени сите наши поети, туку само дел од нив, додава Шопова.

Национална стратегија за развој и соодветен буџет за поддршка на писателите

Проф. д-р Николовска е на ставот дека за промоција и афирмација на македонската поезија, потребно е да се изработи национална стратегија за развој, а во неа да бидат вклучени релевантни институции и истакнати дејци од тој домен.

Како што вели, потребен ни е концепт со јасни приоритети. Николовска смета дека без осмислена долгорочна стратегија и поддршка во овој домен, нема висок резултат, особено за афирмација и промоција на македонската поезија во светотот, на големата културна сцена.

- Ако поезијата се сфати како еден од приоритетите во културата, тогаш ќе може да зборуваме за видливи резултати, бидејќи ние сме татковина на поезијата, со најстар поетски фестивал како култните „Струшки вечери на поезијата“, „Рацинови средби“ и други. Имаме голем поетски и творечки потенцијал оти ние сме задоени со златното „млеко“ на мајчиниот македонски јазик, кој расте од древна традиција на описменување уште од првите праучители и првописатели како Свети Климент Охридски и таа голема мисија на писменост, просветлување во речта – тече низ нас, вели проф. д-р Николовска за МИА.

Величковска смета дека како држава сме потфрлиле во поддршката на културата бидејќи во годинашниот буџет најмал е процентот одвоен за културата, а во него најмалку средства се одвоени за издаваштво и поддршка на книжевноста. Состојбата е алармантна, вели Величковска, а мерките требаше да бидат преземени уште „вчера“.

Таа додава дека може да направиме вистинска национална стратегија за заштита на македонскиот јазик и литература, поголем и соодветно распределен буџет за поддршка на македонските писатели, за издавање, промоција и превод на нивните книги, како и за поддршка на нивните гостувања во странство и поддршка на организациите што работат во таа насока.

Бисера Трајковска

Видео: Аслан Вишко

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан