• среда, 25 декември 2024

„Tријалог“ за регулативата за финансискиот механизам за Западниот Балкан 

„Tријалог“ за регулативата за финансискиот механизам за Западниот Балкан 

Брисел, 14 март 2024 (МИА) - Еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји, како претставник на Европската комисија, денеска заедно со преговарачите на Советот на ЕУ и на Европскиот парламент учествува на „тријалогот“ за Предлог-регулативата за Механизмот за реформи и раст на Западниот Балкан. 

Станува збор за законски текст што го регулира функционирањето на инструментот за финансиска поддршка на Планот на Европската комисија за раст на Западниот Балкан, чија цел е поттикнување на демократскиот, економскиот и социјалниот напредок на земјите од регионот аспиранти за членство во ЕУ, промоција на поголема регионална соработка и стабилност и постепеното приближување на овие држави кон структурите на Унијата. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, основна премиса на идејата на Еврокомисијата при предлагањето на Планот беше целосната убеденост во европската перспектива на земјите од Западниот Балкан - Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора и потребата од зајакнување на блиските културни, историски и географски врски и меѓусебната соработка во голем број важни области. 

Со овој инструмент уште еднаш се потврдува недвосмислената посветеност на идното членство на земјите од Западниот Балкан во Европската Унија и се повикува на забрзување на процесот врз основа на заедничките вредности за почитување на принципите на демократијата и владеењето на правото, спроведување на веродостојни реформи од страна на државите во регионот и правична условеност. 

Како доказ на оваа своја посветеност, ЕУ обезбедува значителна помош и финансиска поддршка за земјите од регионот за да се дојде до нивна постепена интеграција во единствениот европски пазар, на што би претходела силна соработка, европска поддршка и регионална интеграција, како и зајакнување на трговските и економските односи како клучен фактор за успешна реализација на заедничките цели. 

Механизмот за реформи и раст на Западен Балкан значително ќе ја зголеми финансиската помош на ЕУ за регионот наменета за поддршка на социо-економските и фундаменталните реформи и за целни инвестиции. За таа намена се предвидени шест милијарди евра за периодот 2024-2027 година, од кои две милијарди евра во форма на грантови - неповратна поддршка и четири милијарди евра како позајмици под повластени услови.  

Во предлогот на Европскиот парламент во однос на овие суми се предвидува зголемување на неповратната финансиска поддршка и поголема флексибилност во однос на условите на позајмиците. 

Предлогот на Еврокомисијата предвидува исплатата на овие средства да биде условена со реализација на целите наведени во однапред утврдените реформски агенди, но според мислењето на ЕП, потребен е голем степен на флексибилност имајќи ги предвид „неодамнешните кризи кои продолжуваат да ги погодуваат земјите од Западниот Балкан“, а се бара и меѓу условите да бидат и подобрување на социјалните и работните услови, обезбедување одржлив развој и борбата против нерамноправноста, особено меѓу мажите и жените. Исто така, се предлага и инвестициите да бидат насочени кон поддршка на регионот во транзиција кон зелена, климатски неутрална, флексибилна, дигитална и инклузивна економија.  

Дополнително се инсистира приоритет да биде ставен на целите поврзани со основните вредности на ЕУ, како владеењето на правото и демократијата, заштитата на човековите права и основните слободи, промоцијата на независен судски систем, зајакнувањето на борбата против измамите, корупцијата, организираниот криминал, перењето пари и даночното затајување, почитувањето на меѓународното право, слободата на медиумите и академската слобода, како и создавање на амбиент за развој на граѓанското општество, поттикнување на социјалниот дијалог, промовирање на еднаквост меѓу мажите и жените, недискриминација и толеранција и зајакнување на почитувањето на правата на лицата кои припаѓаат на малцинските заедници. 

Според оценката на ЕП, овој инструмент треба да им овозможи на економиите од Западниот Балкан да се приближат до ЕУ усогласувајќи се со европските стандарди, како и да ги засили културните, образовните, академските, истражувачките и креативни партнерства на регионот со оние на Унијата, бидејќи покрај зајакнувањето на економиите, постои значителен потенцијал и за развој на поблиски односи и поголемо меѓусебно разбирање. 

Во предлогот пак на Советот на ЕУ е предвидува допрецизирање на специфичните цели на Механизмот и на условите за исплата на финансиската поддршката. Еден од клучните предлози се однесува на зајакнување на улогата на Советот на ЕУ во управувањето со Механизмот, особено при усвојувањето и дополнувањето на реформските агенди на земјите од Западниот Балкан и на следењето и оценката во исполнувањето на поставените услови за исплата на поддршката.   

Исто така, Советот предлага да се става и посилен фокус на усогласувањето на земјите од регионот со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.   

Европската комисија го претстави новиот План за раст за Западниот Балкан на 8 ноември минатата година. Тој се базира на четири столба насочени кон зајакнување на економската интеграција на земјите од Западниот Балкан со единствениот европски пазар, зацврстување на економската интеграција меѓу државите во регионот преку заеднички регионален пазар, забрзување на основните реформи и зголемување на финансиската помош за поддршка на реформските процеси преку Механизмот за реформи и раст.   

Со ревизијата на Повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ за периодот 2021-2027 година, за Механизмот за реформи и раст на Западниот Балкан беа одвоени две милијарди евра дополнителни средства. сп/са/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан