• среда, 25 декември 2024

SunExpress ќе лета до Измир и Анталија и во зимскиот ред на летање од скопскиот аеродром

SunExpress ќе лета до Измир и Анталија и во зимскиот ред на летање од скопскиот аеродром

Скопје, 22 септември 2023 (МИА) - Со почетокот на зимската сезона 2023/2024, авиокомпанија за рекреативни патувања, SunExpress, продолжува да лета од Меѓународниот Аеродром Скопје до Измир и Анталија со редовни летови во текот на целата година, најавија од ТАВ Аеродроми.   

-Продолжувањето на летовите до Измир и Анталија на SunExpress и нивното додавање на распоредот на редовни летови во рамките на зимскиот ред на летање на Меѓународниот Аеродром Скопје, ќе биде одлична можност за патниците и туристите да ги посетат овие два турски туристички града надвор од летните горештини и да уживаат во двата града во текот на целата година, како и обратно, луѓето од Турција да ги посетат Скопје и Северна Македонија, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.

Како што соопштија од ТАВ Македонија, патниците ќе можат да уживаат во своето патување во Измир, метрополата на западниот брег на Анадолија, како и Анталија, главното туристичко одморалиште на турската ривиера, во текот на целата година.

Од 1 и 3 ноември, соодветно, летовите до Измир и Анталија нема повеќе да сообраќаат како чартер-летови, односно, нема да бидат врзани со пакет-аранжмани преку туристички агенции. Авио-билетите за Измир и Анталија, отсега па натаму, ќе може да се резервираат директно преку веб страницата на SunExpress.   

-Среќни сме што ја зајакнуваме оваа врска со Северна Македонија. Со редовните летови уште повеќе ги зближуваме Турција и Северна Македонија, давајќи им можност на луѓето од Скопје да уживаат во прекрасните плажи на Измир и Анталија и доближувајќи ги турските патници до скопското Кале, изјави Питер Глејд, комерцијален директор на SunExpress.

На овие редовни летови, SunExpress ќе лета со својата најбезбедна и модерна флота во Европа, со авион Боинг 737, со капацитет за седење од 189 патници, со два лета неделно, до Измир и два лета неделно, до Анталија. Летовите до Измир ќе бидат секој петок и недела, а летовите до Анталија секоја среда и сабота.

Во рамките на редовните маркетинг-активности за промоција на двата македонски аеродроми во Скопје и во Охрид пред авиокомпании и тур-оператори, иницирани од страна на ТАВ Македонија, вчера во Скопје, заедно со SunExpress, аеродромскиот оператор организираше промотивен настан на кој присуствуваа 30 македонски туристички агенции. На настанот, авиокомпанијата ги претстави плановите за македонскиот пазар, бидејќи ова е првпат SunExpress да лета од Скопје во текот на зимската сезона и прв пат нивните летови до Анталија да бидат оперативни во текот на зимскиот период.

ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, членка на Групацијата АДП, соопшти дека го заокружила периодот од јануари до август 2023 година со вкупно 2.049.157 патници кои патувале преку двата македонски аеродрома – Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле – Охрид. Ова претставува пораст од 32 проценти споредено со истиот период во 2022 година, додека споредено со 2019, референтната година во авијацијата, статистиките во авиосообраќајот бележат 15 проценти зголемување на бројот на патници.  Во однос на бројот на летови, во 8-те месеци од 2023 година реализирани се 15.344 летови или 20 проценти повеќе летови од 2022, односно 4 проценти повеќе споредено со 2019 година.

Авиобилетите може да се резервираат преку веб-страницата на авиокомпанијата „https:www.sunexpress.com/en“, B2B порталот и како пакет-аранжмани преку тур-оператори. бт/ац/

Фото: ТАВ Македонија

Остани поврзан