• четврток, 26 декември 2024

RYCO допре до над 31.000 млади луѓе и инвестираше повеќе од 7 милиони евра во програми за размена

RYCO допре до над 31.000 млади луѓе и инвестираше повеќе од 7 милиони евра во програми за размена

(Скопје, 5 јули) – Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO) го слави својот 7-ми роденден. RYCO е основан на 4 јули 2016 година од владите на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово*, Црна Гора, Северна Македонија и Србија (познати како Западен Балкан 6), во рамките на Берлинскиот процес. Со седиште во Албанија и локални канцеларии во Тирана, Сараево, Приштина, Подгорица, Скопје и Белград, RYCO е единствената меѓувладина организација која се занимава со градење мир, помирување и соработка во Западен Балкан преку програми за младинска размена.

Досега, RYCO има поддржано повеќе од 31.000 млади луѓе, со инвестирање над 7 милиони евра во програми за младинска размена, на регионално и локално ниво.

Организираше четири отворени повици за поддршка на речиси 240 граѓански организации и 115 училишта. 

Наскоро ќе биде објавен новиот отворен повик за граѓански организации.

Во рамките на својот водечки проект Суперучилишта, RYCO поврза над 150 училишта, 1.000 ученици и 300 наставници од целиот регион. Преку проектот Регионален инкубатор за социјални претприемачи (RISE), RYCO поддржа речиси 400 млади претприемачи.

Влијанието на овие бројки и напори во последните седум години може симболично да се претстави со пораката испратена од учесник на размената на Суперучилишта меѓу Босна и Херцеговина и Северна Македонија.

„Оваа размена ми значи многу. Таа ми помогна да ги надминам верските предрасуди што ги имав пред да учествувам. Имав и страв од јазични бариери. Но, само 10 минути откако ги запознав моите врсници од Скопје, сфатив дека нема никакви разлики меѓу нас. Верувам дека пријателствата што ги создадовме ќе траат долго“, рече Адна Орашчанин од Центарот за слепи и слабовидни деца и младинци од Сараево.

RYCO е посветен на потребите, грижите и соништата на младите во Западен Балкан 6

Во регионот Западен Балкан 6 живеат повеќе од 3,5 милиони млади луѓе на возраст од 15 до 29 години, кои сочинуваат над 20% од вкупното население. Генералниот секретар на RYCO, Алберт Хани, нагласува дека RYCO е посветен на подобрувањето, разбирањето и единството преку нудење трансформативни програми кои се однесуваат на нивните потреби, грижи и соништа.

 

„Денес го славиме заедништвото и стремежот да изградиме мостови на пријателство, да ги срушиме бариерите и да ја зајакнеме следната генерација да создаде посветла европска иднина за Западен Балкан. Постојаното верување во нашата мисија е она што ги поттикнува нашите напори, а нашиот тим се радува на уште многу години за соработка, додека создаваме посветла иднина“, вели г-дин Хани.

Заменик генералниот секретар на RYCO Денис Пиплаш истакна дека младите се витални чинители во градењето одржливи и мирни општества.

„Препознавањето и поддршката на младите е суштински чекор кон развој на кохезивен и просперитетен регион. Градењето на мирот создава средина каде младите луѓе можат да се развиваат, да пристапат до квалитетно образование, да се вработат и активно да учествуваат во процесите на донесување одлуки“, вели г-дин Пиплаш.

Подобрување на положбата на младите на локално ниво

RYCO има локална канцеларија во Северна Македонија, каде што организираат активности и спроведуваат проекти на секојдневна основа. Работејќи заедно со младински организации, влади, општини и меѓународни организации, тие успеаја да ја подобрат положбата на младите на локално ниво.

„Ги постигнавме нашите резултати преку консултации и иницирање проекти со младите, фокусирајќи се на нивниот личен и професионален развој, а истовремено поттикнувајќи ја регионалната соработка. Исто така, приоритет ни е да се залагаме за создавање средина што го олеснува заедничкото управување меѓу институциите и младите“, вели Владимир Ѓорѓевски, раководител на локалната канцеларија во Северна Македонија.

Соединувањето на младите во образовни, културни, граѓански и општествени активности им дава моќ да споделуваат искуства, да ги надминат предрасудите, да истражуваат други култури, да учат едни за други и да постигнат лично исполнување. Младите може да донесат позитивни промени и да ги надминат предизвиците од минатото, но тие треба да се слушнат, да се ценат, да се поддржат и да се зајакнат. RYCO ќе продолжи да работи на тоа, како што вели неговиот слоган: Better future starts with you(th).

Ако сакате да дознаете повеќе за активностите и можностите на RYCO за младите, посетете ја веб-страницата  www.rycowb.org.

____________________________________________

 

 

MИА - ОТС Комерцијални соопштенија

 

 

Напомена: Оригинален текст. За содржината е одговорен нарачателот.

Тагови

Остани поврзан