• петок, 27 декември 2024

RENEWABLE ENERGY SUPPLY (RES) нова инвестиција за нов квалитет на пазарот со снабдување со електрична енергија од обновливи извори

RENEWABLE ENERGY SUPPLY (RES) нова инвестиција за нов квалитет на пазарот со снабдување со електрична енергија од обновливи извори
Компанијата е регистрирана на 2 март 2022 година, а нејзини основачи се компанијата „Централинвест“, во сопственост на проф. д-р Кочо Анѓушев и „Токи“, која што е една од најголемите компании во Република Бугарија во областа на обновливи извори на енергија и снабдување со електрична енергија. Проф. д-р Анѓушев е еден од најголемите инвеститори во Македонија во сферата на производство на електрична енергија од еколошки обновливи извори. Преку компаниите кои што се во негова сопственост, како и во партнерство со други сопственици располага со портфолио од 25 мали хидроелектрани со инсталирана моќност од близу 24MW, инвестиција во биогасна електрана од 2MW, како и фотоволтаична централа од 8MW. Од друга страна, „Токи“ е брзорастечка компанија специјализирана во снабдувањето со електрична енергија од обновливи извори и пазарен интегратор на овој тип на производители на електрична енергија во Бугарија. Оваа компанија е сопственик на најмодерната дигитална платформа за снабдување со електрична енергија на бугарскиот пазар и интегратор на значаен дел од произведената електрична енергија во Бугарија од обновливи извори (вода, сонце, ветер и биогас). „Токи“ е членка на Реналфа групацијата во доминантна сопственост на г-дин Иво Прокопиев која е активна во инвестиции во обновливи извори на енергија и е-мобилити. Реналфа има завршено проекти на инсталирани фотоволтаици од над 6000 MW за други инвеститори и за сопствени потреби во Европа и Блискиот Исток и со тоа таа е една од водечките европски компании во инсталација и одржување на фотоволтаици. На тој начин настанува здружување на двете најголеми компании од областа на производство на електрична енергија од обновливи извори од двете држави во Renewable energy supply (RES). Целта на новата компанија е најголем дел од сопственото производство да се пласира до крајните корисници односно фирмите во Македонија и Бугарија. Во овие услови на нестабилност на пазарот на електрична енергија со големи варијации на цената, само компаниите кои имаат сопствено производство можат да гарантираат стабилност. Дотолку повеќе што за да се пласираат производи на западноевропските пазари предност имаат компаниите кои што користат електрична енергија од обновливи извори. RES на македонската економија ќе `и го понуди токму тоа - стабилно снабдување од сопствени обновливи извори на енергија за македонската економија. Новата компанија исто така ќе биде и најголем агрегатор на електрична енергија од обновливи извори, нудејќи им на сите сопственици на производни капацитети најдобар и најсигурен откуп на електрична енергија. Фероинвест, дел од групацијата предводена од проф. д-р Анѓушев, со својот SCADA мониторинг центар има капацитет да ги приклучи, мониторира и одржува сите капацитети за производство на енергија од обновливи извори и на тој начин на RES да му овозможи да биде најголемиот агрегатор односно целата енергија да биде регулирана од еден центар. Ваквата синергија меѓу компаниите ќе значи сопствено гарантирано производство за сопствени потрошувачи за стабилно и гарантирано снабдување. _____________________________________________   MИА - ОТС Комерцијални соопштенија   Напомена: Оригинален текст. За содржината е одговорен нарачателот.

Остани поврзан