Катар пријави нов ракетен напад
- Катарската војска утрово пресретна сомнителен ирански ракетен напад, соопшти Министерството за одбрана, пренесе ДПА.
Доха, 17 март 2026 (МИА) – Катарската војска утрово пресретна сомнителен ирански ракетен напад, соопшти Министерството за одбрана, пренесе ДПА.
„Министерството за одбрана на Државата Катар соопштува дека вооружените сили пресретнаа ракетен напад чија цел беше Државата Катар“, напиша министерството на X.
Министерството за внатрешни работи во посебна објава соопшти дека властите гасат помал пожар предизвикан од паѓање на остатоци по пресретнување на ракета. Нема извештаи за повредени, се додава во соопштението.
Катар досега пријави десетици напади со ирански ракети и дронови, а исто така собори и два ирански борбени авиони. Во Катар се наоѓа и важната американска воена база Ал-Удеид.
Катар одржува дипломатски односи со Иран со децении. Двете земји споделуваат пристап до најголемото гасно поле во светот во Заливот.
Во посебна објава на X, Центарот за поморски трговски операции на Обединетото Кралство (UKMTO) соопшти дека усидрен брод бил погоден во близина на брегот на Оман.
УКМТО, со кој управува британската Кралска морнарица, соопшти дека „непознат проектил“ погодил танкер, предизвикувајќи помали структурни оштетувања. Не се пријавени повреди или влијание врз животната средина, додаде центарот.
Бродовите постојано се цел на напади во Заливот, Ормускиот теснец и Оманскиот Залив од почетокот на војната во Иран, која беше поттикната од американско-израелските напади на 28 февруари.
Иран оттогаш лансираше ракетни напади и напади со дронови низ целиот регион и постави мини во стратешки важниот Ормуски теснец, со што речиси целосно го запре комерцијалниот поморски сообраќај во регионот. јт/сд/
Фото: ДПА