• среда, 18 декември 2024

Oбичаи и верувања

Oбичаи и верувања
22 октомври 2020 Верувања и суеверија Сениште во Велес Марија Сазданица откоа си вечерале со сина је Петрета, си легнале на чардаче да спијат. Петре беше заспал, а Марија уште не беше заспала. Во тоа време туку ватило нешто да оди по чардак: трапа, трупа, трапа, трупа. Кренала глаа Сазданица од перница да види што тропат; гледат на чардачето кај што одело и тропало, не можела за да види ништо. Арно ама тропотот, одот ет на сеништето или на вапирот, и таа не знаела што пресенуачка ѓаолцка била. Отворила вратата од куќата, од одајата, си поодило и тамо и пак си излегло на чардак и пак си поодило, арно ама Марија ништо не беше гледала. До ѕидот од одајата била соврата исправена, што си вечерале вечерта, туку едно време беше ја грабнало сеништето од кај што беше стојала и беше ја врлило во дворо, на калдрма; плас сторила соврата. Тогај дури Марија беше се уплашила јако и сторила ниет да го скорни од сонот сина је Петрета, арно ама па да го скорнит је било стра да не грабни за оружје Петре и да врли со пиштолите на сеништето; после па беља ќе си налепеа од Турците (од колот) што шетаат низ градот, тики после ќе го однесеа Петрета на конак, тики истинтаци; ела откинуј се од таа порта, што ти велаат старите: „Коначката порта је широка за влегуање, а тесна за излегуање“. Марија не беше го скорнала сина је Петрета, чунки Петре бил и троа, како деликанлија се слагал тоа време, та си рекла сама со себе да траит, и најпосле што ќе бидит. Откоа ји исврлило соврата сеништето од чардако долу, веќе не стропало по чардак, ами беше слегло долу во дворо у беше ошло кај козите што му стоеле; та кога беше и спотерало тоа ѓаволцко сениште низ дворот да ’и бркат. Боже чуај брани, што мака беа превиделе! Море коа беше ти ’и спотерало да ’и бркат, море, сироти кози; врескај чини, козите, врескај како коа се влечка некој за нога. Коа ’и брка, коа ’и мачи ѓаолцкото сениште, целата ноќ што и брка и се мачи. Е веќе пред да се прозори, папсаа сироти кози од бодињање низ дворот и од врескање. Ете таква мака беше ти патила Сазданица од едно сениште или вампир, чунки не го видела за да знаит што јет и што не јет. Како што патила, така утрето расказала. Т’л’с’млија куќа во г. Велес со дервиш или сениште Во Поп-Чукниовото маало, во куќата од Игна Чајлев, пред неколку години имаше едно сениште, во подрумо кај што му стоеја бочвите со вино и со ракија. Секоја ноќ си чукало сеништето со стапче по сите бочви, трак, трук, трак, трук. Ќе појдеа Чајлевци да видат што тропат по бочвите, арно ама ништо не ќе најдеа, ни ќе видеа. Секоја ноќ бидејќи тропало сеништето не биле раат Чајлевци и едно од нараторот, а друго од страот беше и остаиле куќите, чунки и мнозина беа изумреле во тие куќи. Кој беше влегол во тие куќи да седи, се слушале ноќе тропотници во подрумо. Слези во подрумо - немало ништо да чукат и да тропат. Мнозина луѓе кираџии беа влегле и беа излегле и најпосле никој веќе не влегувал. Најпосле влегол еден јузбашија, Турчин, да седи во куќите Чајлески, чунки јузбашијата не се страшел ни од т’л’с’м, ни од дервиш, ни од сениште, нити па од вапир. Тие страшила за јузбашијата биле ништо (нула) поред очите негои. Арно ама кој не видел не веруат, да и јузбашијата, чунки не беше видел дотогај, не веруал. Уште во првата вечер, коа седнал јузбашијата во куќите, чул да тропа во подрумот. Тој се сторил како глув, ѓоа не слуша. Втората вечер, пак така, треќата беше слегол во подрумо да види кој тропал така. Арно ама не го видел. Не доседол некое време и и тој си слегол од куќите не оти не му било страв од тропањето на дервишот, ами на аремот је било страв, тики си излегле и остаиле празни куќите и пусти. Пресенуачка од сениште Пред шеесет години баба Стана живеела во село Мартолци (Велешко) чунки тамо си била родена. Брат е на Стана еден ден си пасел волоите и беше му се раштрклаиле, та му бегале по поле и беа влегле во многу нивје, та беа напраиле голем пакос. Од тој страв на брата е од Стана, што беше му дошол, не беше си ошол вечерта дома, ами беше се скрил некаде и таму спал. Откоа виде мајка је на Стана оти не си дошло детето, ја изело змија и си рекла сама со себе оти можи да је отепано в поле од арамии или можи да је врзано за некое дрво од полјакот за некој пакос што сторило дента со волоите. Од тој страв пустата мајка, како мајка, сакала-неќела, ќе оди да го бара детето, чунки само него је го гледале очите, остај оти десет синои да имат една мајка и пак ниеден не остаат да је загини, а не како што имала еден мајка је на Стана, да да не го бара. Си ’а зела мајка је на Стана и Стана со себе и тргнале по поле да го бараат детето. Коа ти одиле, коа ти шетале, си викале по детето наиме: - Ангеле бре, кај си? Ангеле бре, кај си? Ангеле бре, кај си? Арно ама Ангелета никаде беше го немало. Од шетање и барање, близу полноќ беше дошло и не го нашле. Застанале на друмо Стана со мајка је да почекаат некој чоек што идел по друм со една кола, чунки чуле едно чкртање од кола: чкруу, вруу, чкруу, вруу, чкруу, вруу чкртала колата. Арно ама пустио глас од колата, при се што се слушал многу близу, многу се забаил дури да дојди кај нив од стоење, тики дури беа се замајале мајка и ќерка и некојпат беше се задала колата кај нив. - Ха, беше рекла мајка је на Стана, - ене ’а колата кај иди, ќе го прашаме коларот за Ангелета, белким го видел по патот. На тие зборои што и зборуале, туку им дошла колата пред нив тоарена со трње, без волои да ја тргаат и без чоек да ја терат. Тогај мајка е на Стана беше се сетила оти е ѓаолцка превара и се пресенил на кола со трње. На часот беше се прекрстила и беше го рекла „Во имја Оца“ и веднаш беше ја снемало колата сосемати трње. Како уплашени си тргнаа всело двете да си идат и коа дошле близу кај Стара црква, туку му излегла една маторица гровкала: гров, гров, гров, а прасињата квичеле по неа како коа да сакаат да цицаат, и му се напратила по нив. - Гледај, натема го ѓаол - рекла мајка је на Стана - од кај излезе оваа маторица што се напрати по нас. И пак беше је текнало, та се прекрстила и во имја Оца го рекла и на саатот маторицата сосемати прасиња ја снемало, како земјата да беше ’и голтнала. Коа дошле да врват кај бресјето, туку видоа едно јаре. - Види, Стано, кај останало на патов едно јаре - је рекла мајка је на Стана - и посигнуање да го ватит, туку беше се пикнало во еден брез голем и дебел, колку десет души да го преграбат. И тоа на сениште бил натемаго, препраен на јаре. Коа дошле близу до ограѓето, чуле еден глас да викат низ ограѓето и чоек да нема; гласот бил како да викат некој „Јанкула“. Ќе викнел и веднаш ќе светнел еден голем огин што да можит околу се што имат да видат. Дури дошле близу до село, се тој глас го слушале и таков огон гледале. Такваа мака ти патила Стана со мајка је таа ноќ од тоа проклето сениште што му се препраило на четири турлии. Од записите на Марко Цепенков. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан